Вархеји: ЕК е за датум за преговори, но донесете го Законот за ЈО

Вархеји: ЕК е за датум за преговори, но донесете го Законот за ЈО

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје, на заедничката прес конференција со премиерот Оливер Спасовски, рече дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги почнат преговорите. За новата ЕК проширувањето не е табу тема, туку приоритет, порача тој.

„Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ“, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и изрази надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука пред самитот на Унијата во Загреб, но додаде и дека до тогаш приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Вархеји по средбата со техничкиот премиер Оливер Спасовски во Владата рече дека добрите вести за евроинтерацијата на Западен Балкан ќе продолжат и дека ЕУ ќе работи уште понапорно за тоа да стане реалност. За новата Европска комисија проширувањето, како што наведе, не е табу, туку приоритет.

„Ние треба да работиме врз основа на проценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги започнат пристапните преговори. Нема промена во тоа и ние ќе се држиме до нашата првична проценка дека треба да ги започнеме пристапните преговори со овие две земји. Тоа ,исто така, значи дека треба да имаме позитивна одлука од Европскиот совет за отворање на пристапните преговори пред самитот во Загреб во оваа година, кој ќе се случи во мај“, рече Вархеји.

Тој додаде дека во претстојните месеци ќе треба на маса да се стави новиот пакет за процесот на проширување, кој треба да биде кредибилен, попредвидлив, пообјективен и подинамичен. Вархеји потенцираше дека Северна Македонија покажала напредок и постојана динамика на реформите.

„Потребно е Владата и другите институции да ги спроведат ЕУ реформите. Да продолжат на овој пат и додека го прават тоа, приоритет треба да се даде на новиот Закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека ова ќе се направи во рамките на овој парламентарен состав и тоа ќе биде многу важен знак за земјите членки“, истакна тој.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …