Вашингтон: Напаѓач уби полицаец пред Капитол

Вашингтон: Напаѓач уби полицаец пред Капитол

Три месеци по насилниот упад во Капитол, пред седиштето на американскиот Конгрес се случи инцидент: во двајца полицајци влетал автомобил, при што едниот е убиен, а полицијата го застрелала напаѓачот.

Возачот ја пробил заштитната ограда и удрил во една бариера. Повредените двајца полицајци биле пренесени во болница, при што едниот подлегнал на повредите, соопшти шефицата на полицијата во Капитол, Јогананда Ритман подоцна на прес-конференција.

Таа ги потврди медиумските извештаи за убиството на возачот, кој по влетувањето во службениците, излегол од возилото, вооружен со нож, по што било пукано во него.

Полицијата засега нема докази за можниот мотив на напаѓачот, ниту дека станува збор за терористички напад. Напаѓачот досега не бил во визирот на полицијата, тој е 25-годишен невработен Афроамериканец од сојузната држава Индијана.

Најновите негови постови на социјалните мрежи укажувале на психички и физички проблеми. Пишувал дека е во потрага по „спиритуално патување“ и дека наводно бил шиканиран од ФБИ и ЦИА и принудно испратен во болница. Американската влада ја нарекувал „најголем непријател на црнците.“

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е потресен поради инцидентот и наредил знамињата на сите федерални згради да бидат спуштени на половина копје. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси за убиениот полицаец рече дека е „маченик за нашата демократија.“

По нападот, Капитол е целосно опколен и блокиран од полицајци.

Откако беше извршен упадот на 6. јануари, за седиштето на американскиот конгрес ионака се во сила засилени безбедносни мерки. Тогаш радикалните приврзеници на поранешниот претседател Доналд Трамп продреа во конгресната зграда, а во безредијата кои следеа загинаа пет лица.

За учество во упадот во меѓувреме се обвинети преку 300 лица.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …