Стејт Департментот ги отфрли како шпекулации информациите дека има таен план за размена на територии меѓу Косово и Србија. Претходно премиерот во оставка на Косово Албин Курти изјави дека тоа било причината зошто и беше изгласана недоверба на неговата влада.

„Сакаме да појасниме дека таков план не постои. Специјалниот претставник Ричард Гренел ниту видел, ниту разговарал за таков план. Американската влада е фокусирана на поддршка на долгогодишните договори за враќање на воздушните, железничките и патните врски со цел да се подобри економската состојба и стопанството да земе замав. Уверени сме дека тоа ќе му даде нова енергија на процесот на дијалог кој ќе резултира со взаемно признавање“, се вели во заедничката изјава потпишана од специјалниот пратеник на претседателот Трамп за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел, амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет и специјалниот претставник за Западниот Балкан, Метју Палмер.

Извор: Радио Слободна Европа