ЈКП Водовод ВИК Прилеп

„Водовод и канализација“: Откриена кражба на вода во „Маркови кули трејд“

Соопштение на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп:

„Во насока на утврдување на причините за големите загуби на вода кои во последниот период ги утврдија нашите служби, ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп врши засилени контроли на корисниците на нашите услуги, како на физичките, така и на правните лица. Како резултат на тоа, во средата на 18 јули, во комплексот објекти на Друштвото за трговија и услуги „Маркови кули трејд“, нашите контролори открија 9 диви приклучоци на водоводната мрежа.

Според нашата методологија на пресметување на потрошувачката на вода, овој спортско-туристички комплекс во текот на една година трошел околу 6.200 м3 вода, а ЈКП „Водовод и канализација“ му фактурирал околу 750 м3. Преостанатите количини не се фактурирани, што значи дека „Маркови кули трејд“, на годишно ниво, во просек, неовластено користел 5.440 м3 вода. На тој начин, со извршената кражба на вода, за период од 10 години ЈКП „Водовод и канализација“ е оштетен за сума од 44.200 евра.

Случајот е пријавен во МВР, при што со наредба од истражен судија, екипи на Полициската станица – Прилеп направија увид и согласно нивните овластувања, понатаму ќе преземат соодветни мерки.

Истовремено, ЈКП „Водовод и канализација“ ќе го задолжи „Маркови кули трејд“ да плати 9.000 м3 вода, односно по 1.000 м3 за секој откриен див приклучок, што е во согласност со одлуката на УО на ЈКП „Водовод и канализација“ донесена пред неколку години. Во меѓувреме, сите приклучоци за вода на „Маркови кули трејд“ ќе бидат исклучени, сѐ до оној момент додека со јавното претпријатие не склучи договор за плаќање на овие количини на вода и додека долгот, делумно или во целост, не биде исплатен.

Во оваа прилика сакаме да ја информираме јавноста, дека ЈКП „Водовод и канализација“ презема конкретни мерки за намалување на загубите на вода и откривање на нелегалните приклучоци. За таа цел, во најскоро време ќе биде набавена софистицирана опрема за детектирање на “тесните грла“ во водоводната и канализационата мрежа, со која на многу поедноставен и поефикасен начин ќе ја откриваме и кражбата на вода. Дел од таа опрема, таканаречениот ГИС систем кој чини околу 130.000 евра, ќе биде набавена со средства од проектот во кој учествуваме. Другиот дел, скенерот за откривање на нелегалните приклучоци, ќе биде набавен со сопствени средства, во висина од околу 50.000 евра.

Актуелниот менаџерски тим на ЈКП „Водовод и канализација“ својата работа ја врши согласно постојните закони и Статутот на претпријатието и нема да толерира никакви злоупотреби од страна на нашите коминтенти. Од тие причини, упатуваме апел до сите корисници на нашите услуги, за правилно користење на услугите и навремено плаќање на сметките“.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …