Пишува: Зоран Милошески
„Право да ти кажам кардаш Христо, не ми се дава перницата од под газ. Кој ја сака, нека ми ја земе со сила.“
„Аџи-Христо Логотет“, Блаже Алексоски
Власта и функцијата се минливи и менливи категории. Или, барем би требало да бидат. Оти искуството покажува дека практикувањето на било која функција во период од два мандата, е сосема доволен временски период за да се покажат менаџерските способности и да се реализира визијата која функционерот ја има за развој на институцијата која ја предводи.
Се’ повеќе од тоа, предизвикува „замор на материјалот“, односно губење на енергијата и мотивот кај функционерот, но и до заситување на јавноста од него. Политичката сцена е „гладна“ за нови генерации политичари. Образовани и проевропски политичари со инвентивни и прогресивни идеи, способни да се носат со предизвиците на новото време.
Ама, како што во многу области сме лидери во тоа како работите не треба да се прават, така и на ова поле можеме да се „пофалиме“ со еден куп „евергрин“ политичари, кои и самите заборавиле кога последен пат работеле и заработиле за живот, надвор од луксузните функционерски кабинети.
За да не биде дека кажаното е паушална и субјективна оценка на авторот на текстот, од трите водечки партии издвоив по еден актуелен функционер кој подолго од своите партиски колеги, со години, децении, се наоѓа на „државни јасли“.
Јани Макрадули, СДСМ, од 1996 година до денес:
- четири пратенички мандати во македонскиот парламент;
- потпретседател на Собрание;
- заменик министер за животна средина;
- член на Совет на општина Центар;
- кандидат за градоначалник на Скопје при што, патем речено, изборите ги изгуби со 50.000 гласа разлика;
- во моментов, Генерален директор на Пошта.
Вкупно: 26 години
Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ, од 1999 година до денес:
- шеф на кабинет на потпретседателката на Влада, Доста Димовска;
- портпарол на Влада;
- пратеник во неколку собраниски состави;
- министер за надворешни работи;
- во моментов, пратеник во Собранието.
Вкупно: 23 години
Фатмир Бесими, ДУИ, од 2002 година до денес:
- директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги;
- вицегувернер на Народна банка;
- во два наврата министер за економија;
- специјален советник на премиерот;
- заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања;
- во моментов, министер за финансии.
Вкупно: 20 години
Што да се каже после изнесените факти пред кои и боговите молчат?
Генијалци да беа, а не просечни какви што се, немаше да траат олку долго. Непристојно и бесрамно долго. Особено ако се знае дека потекнуваат од партии кои, неспорно, имаат голем квантитативен и квалититативен кадровски потенцијал. И кога веќе самите немаат исав и не им е незгодно целиот работен век да го поминат шетајќи од еден во друг кабинет, секогаш на позиции кои носат високи плати и бројни привилегии, тогаш редно беше главните партиски кадровици да им речат – „доста ви беше!“. И еднаш засекогаш да ги тргнат од јавната политичка сцена.
Ако стануваше збор за исклучоци, ако посочените „тројца мускетари“ беа единствениот проблем, тогаш, всушност, проблем и немаше да има! Работата е што се тие само ороводачите зад кои се построени десетици и десетици други партиски експоненти, кои, во буквална смисла на зборот, остареа на „државни јасли“. Додуша, не толку „долгометражни“ како Макрадули, Милошоски и Бесими, но сепак со “машала“ функционерски стаж.
Каква порака испраќаат политичките субјекти до пошироката јавност, со тоа што како пијани за плот се држат за едни те исти имиња кои како шаховски фигури ги прераспоредуваат од едно на друго поле? Што треба да прават младите од нивните партии, кои политичката кариера ја градат онака како што треба, чекор по чекор, со постојано едуцирање, надградување и инвестирање во себе?
Што да речат оние другите, повозрасните, кои поседуваат и знаење, и образование и искуство, кои секогаш биле во првите борбени редови, кои на политиката и’ го посветиле целиот свој живот, но никогаш не добиле вистинска шанса? Што им останува освен да ги одбројуваат деновите до пензионирање на „незаменливите“, со надеж дека можеби тогаш некој ќе се сети на нив, или пак да ги фрлат партиските книшки и да се пцујат себеси што се родиле во погрешно место и на погрешно време?
Конечно, како да се однесуваат и кој пат да го фатат оние кои избрале да останат надвор од партиските структури, кои својот животен пат одбрале да го одат самостојно, дистанцирани од една или друга политичка опција? Смеат ли воопшто да се надеваат дека некој ќе ги вреднува нивните вештини и знаења? Има ли некаква смисла својата иднина да ја планираат тука, во Македонија, во максимално партизираното и по секоја основа поделено општество?
Впрочем, податокот дека 58 отсто од младите луѓе сакаат да се иселат од државата, е најдобриот одговор на сите прашања и дилеми.
За крај, порака до „незаменливите“: Господа вечни политичари, Македонија е среќна што ве има! Издржете барем уште толку години и мандати, па после како сака нека биде. Вашата саможртва за нашето подобро утре, високо ја цениме и никогаш нема да ја заборавиме!