Велигден од моето детство

Велигден од моето детство

Пишува: Зоран Милошески

Религијата никогаш не била доминантен и пресуден фактор во мојата фамилија. И така било со генерации наназад, до каде стигнува семејното стебло. Двете мои покојни баби, Ивана и Марија, никогаш не биле на „ти“ со поповите и свештените лица. Ама тоа никако не значи дека не ја почитувале традицијата, верата и црквата. Напротив, онака како што е редот, ги правеа сите адети при венчавките, крштевките, погребите, славите, имендените, верските празници…

Како деца, Велигден го чекавме, што се вели, како јајце велигденско. Најмногу се радувавме заради новите алишта кои, по правило, беа неизбежен велигденски декор. Пантолони, кошула, некаков џемпер, нови чевли… нешто ќе се купеше. Со нешто ќе не’ подновеа и ќе не’ израдуваа. Како мене, така и сестра ми.

Слично беше кај сите деца од нашата улица. И од улицата подолу од нашата. И од таа над нас. Никого не го интересираше чии родители колку пари потрошиле за новата гардероба, уште помалку пак од која марка. Оти, сите си го беревме своето гајле и бевме преокупирани што ќе ни каже ликот во големото салонско огледало. Ако се бендисавме од тоа што ќе го видиме, што речиси се случуваше без исклучок, кого го интересираше кој што носел и колку пари тоа чинело? А, впрочем, некаква драстична разлика по тоа прашање и онака немаше. Освен во вкусовите, за кои, нели, не се расправа.

По правило, алиштата се купуваа десетина дена пред Велигден. Оти после идеа деновите кога главна преокупација на мајка ми, исто како и на сите останати мајки, беше генералното чистење на куќата. Се знае – пердиња, теписи, прекривачи… се’ со ред, до најситен детал, мораше да помине низ нејзините раце. А нам, тие денови некако најбавно ни минуваа. Велигден никако да дојде – да се дотераме во новата гардероба, да ја „прошетаме“ низ улица и брзо-брзо да заминеме во посета на роднините. Од каде се враќавме со полни торби јајца. И, се разбира, со по некој динар во џебовите.

За ручек, дома. Салата од марула, две-три чашиња ракиче, а некогаш, богами и малку повеќе, беше неизбежниот дел од велигденското мени на татко ми. Ние, сокче. И пред, и после јагнешкото. За десерт, нешто парено. Најчесто шеќерпаре. Толку. Мевот – тапан.

После ручекот следуваше преслекување на новата гардероба и со старите алишта на себе, правец на улица. Заедно со сите останати деца. И дури мајките ги раскреваа трпезите и земаа малку здив од напорните денови, татковците и дедовците се собираа во дворовите, на по некое пиво и муабет. Џагорот, смеата и, неретко, песната, не стивнуваа до стемнување.

Така изгледаше Велигден од моето детство.

Беа ли, тоа, времињата подобри, или подобри бевме ние?

Христос Воскресна – Навистина Воскресна!

Честит Велигден!

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …