Франција, Обединетото Кралство и Украина работат на план за прекин на огнот што ќе го испратат до Соединетите Американски Држави (САД), соопшти британскиот премиер Кир Стармер на 2 март, додека европските лидери се собраа во Лондон да разговараат по катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон во петокот (28 февруари).
„Обединетото Кралство, заедно со Франција и можеби уште еден или двајца други, ќе соработуваат со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со САД“, изјави Стармер за Би-би-си.
Во исто време, Стармер нагласи дека за секој мировен договор за Украина ќе биде потребна американска безбедносна гаранција за да функционира – една од неколкуте спорни точки околу кои се судија Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп на тензичната средба во Овалната соба.
„Отсекогаш сум бил јасен дека ќе треба поддршка од САД, затоа што мислам дека тоа не би било гаранција без нив“, изјави Стармер за Би-би-си.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџија Мелони се меѓу повеќе од десетина европски лидери кои им се придружија на Стармер и Зеленски на разговори во Лондон.
На самитот за безбедност присуствуваат и канадскиот премиер Џастин Трудо и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Во пресрет на состанокот, британскиот премиер Кир Стармер го пречека Зеленски во неговата резиденција на Даунинг стрит, по што следуваше објава за заем од 2,26 милијарди фунти (2,84 милијарди долари) за Украина.
„Овој заем ќе ги зајакне одбранбените способности на Украина и ќе биде отплатен со помош на приходите од замрзнатите руски средства“, објави Зеленски на социјалните мрежи по разговорите.
Тоа не е сума што ја менува играта, но нуди одредена утеха за Зеленски по расправијата со американскиот претседател Доналд Трамп, по која на напушти Белата куќа со празни раце.
По конфронтацијата во Овалната соба, состанокот во Лондон доби ново светло и веројатно клучна точка на агендата ќе биде оживувањето на односот Трамп-Зеленски.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој е во Лондон, рече дека Зеленски мора да најде начин да ги обнови односите. Не е јасно дали тоа има реална перспектива. Но, Трамп рече дека Зеленски може да се врати „кога ќе посака мир“.
Пред самитот, Стармер ќе има билатерални разговори со италијанската премиерка Џорџија Мелони. Таа може да биде важна фигура во тековните обиди на Европа да го убеди Вашингтон во потребата да ја поддржи Украина.
Како силен поддржувач на Украина, таа е и идеолошки блиска со Трамп, а тој срдечно упати пофалби кон неа.
Дури и пред патувањето на Зеленски во Вашингтон, европските лидери покажаа чувство на итност да се направат релевантни за администрацијата на Трамп.
Ова беше поттикнато од изјавите на високи американски функционери кои сугерираа дека Европа нема да биде директно вклучена во мировните преговори за Украина, како и и од знаците кои укажуваа на затоплување на односите на САД со Москва.
Претходните вакви кризни разговори одржани минатата недела во Париз се фокусираа на тоа дали Европа би можела да обезбеди веродостојни воени сили за распоредување во Украина по примирјето или мировниот договор, како и на постигнување на долгорочната цел за зголемување на трошоците за одбрана.
Предизвикот за денешните разговори во Лондон, по дебаклот во Овалната соба, е да се постигне нешто поопипливо и повпечатливо.
Покрај ова, некои европски лидери сметаат дека ова оди подалеку од самодокажување на нивната вредност пред Вашингтон. Се работи за подготовка за можно сценарио во кое тие не би можеле да сметаат на безбедносниот чадор на САД.
Победникот на неодамнешните германски избори, Фридрих Мерц, пред една недела изјави дека Европа треба да стекне „независност“ од САД.
По посетата на Зеленски во Вашингтон, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека ќе ги поддржи мерките за помош на Украина со цел земјата „да се спротивстави на руската агресија дури и ако САД ја повлечат поддршката“.
„Европа стои пред историски тест. Таа мора да се грижи за сопствената безбедност“, рече чешкиот премиер Петр Фиала на 1 март.
Распоредот на Зеленски, покрај учеството на состанокот, вклучува и средба со британскиот крал Чарлс Трети. Иако британскиот монарх има само симболична улога, средбата ќе биде можност за политичка порака до Вашингтон.
Пораката од кралот што на Трамп му ја пренесе Стармер – американскиот претседател да дојде во историска втора посета на Обединетото Кралство, во британската јавност се сметаше за еден од клучните моменти за време на престојот на британскиот премиер во Вашингтон на 27 февруари.
Кралската публика ја нагласува поддршката на Велика Британија за Зеленски, како и желбата да биде мост и миротворец меѓу Вашингтон и Киев.
Во Велика Британија, позицијата на Стармер преовладува и низ целиот политики спектар. Истакнати личности кои биле блиски до Трамп, го повикаа да не урива мостови со Зеленски.
Најџел Фараж, лидер на партијата Реформа во Обединетото Кралство и гласен обожавател на Трамп, рече: „Ова не е крајот на приказната, далеку од тоа. Мировниот договор е од суштинско значење, а на Украина и се потребни вистинските безбедносни гаранции“.
Поранешниот премиер Борис Џонсон порача: „Најдобар начин да се оди напред сега е договорот за минерали да биде потпишан што е можно поскоро. Сè уште постои пат до мирот“.
Тој мислеше на договорот што требаше да биде големата дипломатска награда за САД за време на патувањето на Зеленски во Вашингтон.
Но големите надежи добија силен удар. Лидерите во Лондон очајно бараат одговор.
Извор: РСЕ