Велика Британија ја одобри вакцината на „Фајзер-Бионтек“ против корoна вирусот

Велика Британија ја одобри употребата на вакцината против корона вирусот од компаниите „Фајзер“ од САД и „Бионтек“ од Германија и нарача 40 милиони дози, објави „Дојче Веле“ сервисот на македонски јазик. Властите најавија дека вакцината ќе може да се користи од најранливите категории на граѓани почетокот на наредната недела, пренесува „Ројтерс“.

„Владата денеска ја прифати препораката на Агенцијата за лекови и здравствени производи и ја одобри употребата на вакцината од „Фајзер- Бионтек“, соопшти британската влада, пренесува „Дојче Веле“.

Првите 800.000 дози ќе бидат достапни во Велика Британија уште од наредната недела, а веќе нарачаните 40 милиони дози ќе бидат доволни за вакцинирање на 20 милиони луѓе, објави „Би-би-си“.

Британскиот здравствен комитет ќе одлучи која ќе биде приоритетната група на граѓани кои ќе ја добијат првата вакцина, а тука спаѓаат старите и немоќни лица во старските домови, здравствените работници и повозрасните Британци кои патат од хронични болести.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок, најавувајќи ја програмата за вакцинација од идната недела, рече дека болниците се подготвени за работа и центрите за вакцинација ќе бидат подготвени, но и призна дека ќе биде предизвик дистрибуцијата на вакцината која мора да биде складирана на температура од -70 степени.

Британската регулаторна агенција за лекови МХРА наведе дека вакцината, која е ефикасна околу 95 отсто во борбата против Ковид-19, е безбедна за употреба. Сепак, Европската агенција за лекови мислењето за оваа вакцина ќе го даде на состанокот на 29 декември, а потоа мислењето ќе биде проследено на усвојување до државите членки, пренесува „Дојче Веле“.

Регулаторот на лекови на ЕУ во средата рече дека неговиот подолг процес на одобрување на вакцините против ковид-19 е побезбеден, бидејќи се заснова на повеќе докази и проверки од постапката за итни случаи што е избрана од Велика Британија, објави „Ројтерс“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …