Вицепремиерот Битиќи ги презентираше инвестициските можности на земјава пред група бизнисмени од Турција

Вицепремиерот Битиќи ги презентираше инвестициските можности на земјава пред група бизнисмени од Турција

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа средба со група од десетина бизнисмени и инвеститори од бизнис асоцијацијата Румелисијад од Бурса, Република Турција.

На средбата која се одржа во организација на Македонско – турската стопанска комора (МАТТО), претставници од кабинетот на Битиќи, заедно со претставници од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, пред турските инвеститори одржаа и економска презентација во која ги претставија инвестициските можности во земјава, но и дадоа одговор на прашањата и дилемите кои инвеститорите ги имаа за конкретни сектори и потенцијали.

Во своето обраќање пред турската инвеститорска делегација, вицепремиерот Битиќи истакна дека Република Северна Македонија нуди исклучително атрактивен пакет за поддршка на инвестициите и дека за определени дејности како што се преработувачкиот сектор, ИКТ и производството на храна – компаниите можат да добијат поддршка и до 50% од вкупните инвестиции во основни средства.

Битиќи ги потенцираше традиционално добрите економски и политички односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција, напоменувајќи дека во земјава постојат и успешно работат десетици турски компании и дека токму тие се вистинскиот гарант кој треба да им влева сигурност во носењето на одлуката да ја изберат Северна Македонија за нивниот следен инвестициски циклус.

За време на посетата на земјава, турските инвеститори ќе имаат и организирана посета во Технолошко-инвестициската развојна зона каде што ќе се запознаат со условите и поволностите кои им стојат на располагање доколку својата инвестиција ја реализираат во некоја од ТИРЗ зоните.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …