Вицепремиерот Димитров на Националниот совет за европска интеграција во Собранието: „Ние сме веројатно најдобро подготвената земја за почеток на пристапните преговори“

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ) при Собранието, вчера учествуваше на првата конститутивна седница на ова тело во новиот собраниски состав.

На седницата беше дискутирано за актуелниот статус на Северна Македонија од аспект на европската перспектива и текот на процесот за подготовка на државата за членство во Европската Унија.

Во тој контекст, вицепремиерот Димитров ја истакна улогата на Националниот совет како директен учесник и важен чинител, посочувајќи дека Северна Македонија е во одлична позиција од аспект на усогласеност со правото на ЕУ, споредено дури и со земјите кандидатки кои што подолго време имаат отворено пристапни преговори.

Димитров се осврна на перспективите за европската интеграција на државата во пресрет на јунскиот Самит и обидите за надминување на пречките за усвојување на преговарачката рамка.

Димитров: „Северна Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, сме веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно.”

Говорејќи отворено за можностите за пробив на европскиот пат, Димитров подвлече дека процесот на европеизација на Северна Македонија мора одлучно и посветено да продолжи со исполнување на реформската агенда, пред сѐ поради подобрување на животот на граѓаните. Во таа насока, Димитров пред членовите на НСЕИ ги претстави активностите во рамките на „Агенда: Европа дома“, плановите за усвојување на новата Национална програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА ‪2021-2025) со среднорочна перспектива прилагодена на структурата на новата методологија за пристапни преговори, ревизијата на владиниот преговарачки институционален механизам, како и статусот на постапката за усвојување на Регулативата за ИПА 3 како услов за почеток на реализацијата на Економскиот и инвестициски план и Зелената агенда на ЕК за Западниот Балкан.

Димитров: „Многу е важно времето да го искористиме не во чекање туку во работа, бидејќи меѓу другото пристапниот процес е алатка за реформи. Таа не носи волшебни промени преку ноќ, меѓутоа со политичка волја особено ако преку ова тело се обединат напорите на власта и опозицијата од една страна, а од друга страна факторите од приватниот сектор, академијата, целото општество – можеме многу да направиме. Во овој општ напор мислам дека треба посебно внимание да обрнеме и на младите, за утре да бидат активен чинител во градењето на политиките на Унијата и нашите политики.“

За крај, Димитров нагласи дека со отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ допрва ќе има многу предизвици и процесот е многу комплексен, но НСЕИ треба да генерира синергија за надминување на разликите низ отворен дијалог, бидејќи токму европската агенда е обединувачка кауза и мисија.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …