(Видео) Дваесет години од загинувањето на десеттемина прилепски бранители кај месноста Карпалак

(Видео) Дваесет години од загинувањето на десеттемина прилепски бранители кај месноста Карпалак

И после 20 години од трагичниот 8 август 2001 година, болката и тагата на прилепчани не згаснуваат. Свежи се сеќавањата на тој кобен ден, кога животот го загубија десет резервисти од Прилеп. Во нивна чест денеска се одржа панихида во црквата „Св. Петка“ на која присуствуваа и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, Советот на општина Прилеп, семејствата на загинатите прилепски бранители како и нивни соборци.

Делегациите рано наутро ги посетија и вечните почивалишта на загинатите бранители, а свежо цвеќе беше положено и кај месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година се случи трагичниот настан.

Централниот настан се одржа пред спомен обележјето „Карпалак“ во центарот на Прилеп, каде цвеќе пред спомен-обележјето положија делегации на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, Претседателот на државата, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и делегации на Генералштабот на Армијата, Советот на општина Прилеп, претставници на здруженија на борци и бранители, семејствата на загинатите бранители и политички партии.

Во продолжение во интегрална форма ви го пренесуваме обраќањето на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски:

Дваесет години непребол.

Дваесет години без најблиските, најсаканите.

Дваесет години тага и жал за десетте прерано згаснати животи.

И после две децении, болката заради насилно прекинатите животни патеки е иста како и во тој злокобен ден. Стоејќи овде, пред спомен-плочата подигната во чест на десеттемина припадници на резервниот армиски состав, во чест на саможртвата на храбрите бранители на интегритетот и суверенитетот на нашата држава, сами по себе навираат сеќавањата на кобниот 8 август 2001 година.

Во еден од најцрните датуми во нашата понова историја, во миг згаснаа животите на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски, Љубе Грујоски и Пеце Секулоски.

Загуба за државата, за градот, за нивните родни места. Сепак пред се’, огромна, немерлива и ненадоместлива загуба за нивните семејства. За најблиските. Но сите тие, сите ние треба да бидеме горди на нивната храброст и патриотизам, бидејќи тогаш кога најмногу и’ беа потребни на своите семејства, застанаа на браникот на татковината.

Во војните и воените конфликти, нема победници. Бидејќи, ниту еден изгубен човечки живот, ниту една детска солза пролеана за изгубениот родител, не се помалку вредни од био кој воен “трофеј“. Она кое што секогаш останува запаметено после воениот виор, се изгубените човечки животи и материјалната штета.

И оваа колективна жртва од 2001-та нека биде опомена која во себе ја носи пораката: Сите спорни прашања во политичките битки да ги решаваме со преговори!

Затоа, поклонувајќи се пред саможртвата на нашите сограѓани, задачата на сите нас, како одговорни граѓани, е да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори злото од 2001 година.

Да не дозволиме сеништата од минатото да ја уништат перспективата на младите и нивниот сон за живот во демократска и просперитетна држава. Да одбереме светло, наместо мрак и заедно да застанеме на страната на иднината.

Факт е дека како народ, одново и одново сме исправени пред нови искушенија и нови битки. Ниедна од нив не смее да не’ поколеба во намерата да ги оствариме двете стратешки цели кои ги зацртавме пред 30 години, кога избравме да живееме во независна и суверена држава.

Веќе втора година ги имаме придобивките на едната од нив – членството во НАТО алијансата. Со тоа направен е огромен чекор напред во обезбедувањето сигурни и безбедни граници, но истовремено и внатрешна стабилност на државата.

Во моментите кога сме на чекор од втората цел, полноправно членство во големото европско семејство на народите, мораме да ги оставиме зад себе сите внатрешни политички битки. Да покажеме единство по клучните прашања за Државата, бидејќи тоа е единствениот начин да зачекориме во современите европски текови и да ги совладаме сите пречки кои ни стојат на тој пат.

Почитувани,

Не смееме да бидеме заложници на минатото, туку треба да станеме архитекти на нашата иднина, на иднината на новите генерации. Тоа, меѓу другото, им го должиме и на бранителите.

Колку и да сакаме, не можеме да го вратиме назад времето и да го промениме тоа што поминало. Но затоа, она што најмалку можеме да направиме, е да го негуваме и почитуваме нивното херојско дело.

Оддавајќи почит кон делото на своите сограѓани, поклонувајќи се пред великаните на нашата историска битка за слобода, независност, суверенитет и интегритет, со доследност, чесност и искрени заложби ја градиме сегашноста, а очите ни се вперени кон иднината.

Младите генерации овде, во својот град, во својата земја, да го вложат своето знаење и умеење, да бидат современи херои на економскиот, техничко-технолошки напредок.

Сегашноста ни припаѓа, нам! Затоа и нашата одговорност е најголема. Затоа и нашите заложби се огромни, секојдневни, неуморни. Градејќи го Прилеп сестрано, им се оддолжуваме на сите херои, а најмногу на нашите современици, чии животи згаснаа прерано на овој ден, пред 20 години!

Избравме и тогаш! Избираме и денес, да чекориме храбро, со јасна цел и визија, горди на нивното дело!

Аманетот го остваруваме и не го забораваме!

Вечна слава и почит за хероите!

На 8 август, 2001-та година, на патот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак беа убиени десеттемина прилепски армиски резервисти: Сашо Китановски, Нане Наумовски, Марко Деспотовски, Љубе Груески, Бранко Секулоски, Дарко Велјаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован Шабаноски.

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …