(Видео) Ковачевски: Европската иднина на граѓаните е пред сите политички и идеолошки разлики

(Видео) Ковачевски: Европската иднина на граѓаните е пред сите политички и идеолошки разлики

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска на прес-конференција со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, говореа за текот на скрининг процесот за ЕУ интеграции.

Премиерот нагласи дека скрининг процесот се одвива со предвидено темпо и ја потенцираше важноста да се задржи динамиката во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.

„До сега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, a коментарите од страна на Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка, во носењето на закони, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба во следниот период да се посветиме, а  тоа се реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борба против корупцијата.  Овие теми ќе бидат отворени во текот на целиот преговарачки процес  и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес. Ова е историски процес кој секоја  држава го поминува само еднаш. Нашето законодавство е хармонизирано со законодавството со ЕУ и тоа над  45%. Северна Македонија, според бенџмарк анализите, е понапредна во одредени поглавја, од земји кои 10-тина години преговараат со ЕУ. Тој висок степен на усогласеност со европската регулатива и стандарди, е видлив и препознаен и од ЕК, за што треба да се гордееме сите“, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата истакна дека фокусот на Владата е во спроведување на реформската агенда, а граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ.

„Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока.

На граѓаните им е потребен квалитетен живот, сигурност и стабилност. И овде нема ништо необично, ништо претерано, тоа се теми на дискусии на сите зрели европски општества со силни и ефикасни институции. Затоа е потребно да се забрза трансформацијата на општеството која ја носи процесот на преговори со ЕУ. Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет, силна волја, затоа да го направиме тоа, не поради  Европската Унија, да го направиме поради нашите граѓани. Северна Македонија има целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори.  Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Нивното присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледаат како идна земја членка на Унијата. Сега се е во наши раце и подобриот живот на граѓаните, европската иднина на земјата, зависи од сите нас“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот повика на единство, потенцирајќи дека постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики.

„Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики“, рече Ковачевски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ говореше за текот на скрининг процесот.

„Првичните коментари од сите вклучени страни се позитивни, а оценката и клучните укажувања ќе ги добиеме во скрининг Извештаите, кои очекуваме да бидат подготвени што е можно побрзо од Европската комисија и одобрени од Советот. За Кластер 1, кој го завршивме пред нешто повеќе од месец дена, ќе барам скрининг Извештајот да биде доставен до нас во наредните 3 до 4 месеци, бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции.

Дополнително, во рамки на Патоказот за владеење на правото, ќе треба да подготвиме и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование. Ова се теми низ кои поминаа и во кои се подобруваа сите држави членки на ЕУ“, рече Маричиќ.

Маричиќ објасни дека со скринингот се добива прецизна, аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на македонското право со европското.

„Ги нотираме недостатоците и ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди, во догледен рок, согласно определбата за членство во ЕУ во 2030. Ова е делот од евроинтеграциите кој практично ги „турка“ реформите дома, до целосна подготвеност на земјата за членство во Унијата.

Особено сум горд и задоволен што успешно се подготвивме и презентиравме и за области кои по прв пат се дел од преговарачкиот процес, како функционални демократски институции, реформа на јавната администрација и економските критериуми. Но, исто толку добри беа и презентациите за останатите поглавја од првиот кластер“, истакна вицепремиерот.

Прочитајте повеќе

Скопје

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Митинзи во недела ќе има пред седиштето на Европската унија во Скопје и на плоштад …