(ВИДЕО) Претседателот Пендаровски во Варшава одликуван со Орден на Белиот Орел, претседателот Дуда со Орден „8 Септември“

(ВИДЕО) Претседателот Пендаровски во Варшава одликуван со Орден на Белиот Орел, претседателот Дуда со Орден „8 Септември“

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Варшава, во рамки на неговата официјална посета на Република Полска, беше одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, како симбол на блиските дипломатски и политички релации меѓу двете држави и претседатели и потврда на македонско-полското пријателство и партнерство.

Претседателот Стево Пендаровски со Орден „8 Септември“ го одликуваше претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда за исклучителен придонес во негувањето и во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Северна Македонија, со цел зачленување во Европската Унија и во НАТО, како и за продлабочувањето на пријателските релации и стратешки соработки помеѓу двете земји на социо-културен план, што придонесува за демократските процеси на нашата земја.

Претседателот Пендаровски престојува во дводневна официјална посета на Република Полска. Со државни и воени почести, изутрината во Варшава, беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.

Во рамки на официјалната посета на Република Полска, заедно со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.

Почитуван претседателе Дуда,

Ми претставува голема чест што по втор пат во мојот мандат престојувам во официјална посета на пријателска Полска, една година по официјалната посета на претседателот Дуда на Северна Македонија. Интензивираниот политички дијалог на највисоко ниво во последниве години и тоа во време на глобални кризи без преседан, најдобро говори за нашето пријателство и партнерство и меѓусебната почит и разбирање, како и што доликува на две европски држави.

Со претседателот Дуда имавме искрен и содржаен разговор, на кој се осврнавме на повеќе теми, дел од нив и тој самиот ги спомена.

Зборувавме за македонските евроинтеграции и отпочнувањето на нашите преговори за членство во Европската Унија. Полска отсекогаш била наш принципиелен и гласен поддржувач и во таа насока посебно ја поздравувам подготвеноста на нашите домаќини да ги користиме нивните искуства и експертиза за време на процесот на преговори. Верувам дека во следниов период, полската поддршка ќе биде засилена и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува. Поддршката во рамките на Европската Унија, слушнавте и од неговите зборови, се подразбира.

Можете да претпоставите, централна тема на нашиот состанок беше војната во Украина и последиците од неа. Разговаравме за прашања што директно ја засегаат европската безбедносна архитектура, која е несомнено под сериозен притисок од страна на илегалната и апсолутно неприфатлива руска воена агресија.

Во оваа прилика, од овде, од Варшава сакам уште еднаш да ја потврдам нашата позиција дека Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на западната алијанса во одговорот на руската агресија преку целосно спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, како и во поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници. Во таа насока, нема дилема дека ќе продолжиме да обезбедуваме воена и хуманитарна помош за украинскиот народ кој ја брани својата земја.

Во овој контекст, со претседателот Дуда ги потврдивме нашите заеднички заложби како кредибилни партнери во НАТО Алијансата и ја поздравивме соработката меѓу нашите држави како дел од ОБСЕ тројката. Високо го цениме полското претседавање со ОБСЕ оваа година, и ве уверувам дека ќе продолжиме уште поинтензивно да даваме свој придонес во намалување на последиците од војната преку македонското претседавање со оваа организација во наредната, 2023 година.

Почитувани,

Неизбежна тема во нашите разговори беше и економската и енергетска криза. Иако е неспорен фактот дека меѓу нашите држави се зголемува економската соработка, заеднички констатиравме дека во наредниот период треба потесно да соработуваме на овој план. Подетално за економските предизвици ќе дискутираме подоцна во текот на денов на тркалезната маса со претставници на полските бизнис комори и претставници на македонската бизнис заедница.

Во оваа прилика, посебно сакам да ја истакнам и соработката што ја имаме во образованието и културата, како успешен пример на македонско-полските односи и градењето на образовните, јазичните и културните врски. Утрешниот, втор ден од мојата посета на Полска, ќе го посветам токму на оваа соработка која дава значаен придонес во развојот на пријателството и меѓусебната почит и разбирање.

Претседателе, пријателе Дуда, Ви благодарам за укажаното гостопримство и во име на мојот народ Ви благодарам за сè она што Република Полска го прави за Република Северна Македонија.

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …