[ВИДЕО] Виолинисти низ светот свират стара украинска песна за собирање донации

[ВИДЕО] Виолинисти низ светот свират стара украинска песна за собирање донации

Илија Бондаренко е млад виолинист од Украина кој преку видео објавено на неговиот Инстаграм профил претстави своја изведба на стара украинска народна песна со цел да ја изрази поддршката за целиот украински народ кој уште еднаш треба да застане цврсто за својата територија.

„Денес кога мојата држава се бори за сопствената слобода, за својата територија, за правото да биде држава… јас не можам да останам тивок“, пишува виолинистот под видеото кое беше објавено еден ден по започнувањето на воениот конфликт меѓу Русија и Украина.

Кратко по објавувањето, Бондаренко бил исконтактиран од професионалната виолинистка од Велика Британија, Керенза Пикок која откако го видела неговото видео добила идеја да започне проект преку кој ќе може да придонесе за помош на украинскиот народ.

Идејата на Керенза била да зборува со различни виолинисти од државите ширум светот да снимат видео додека ја свират песната „Вербоваја Дошечка“ кое потоа ќе биде синхронизирано со видеата на сите други кои ќе ја свират истата песна. Така направената содржина се споделува на социјалните мрежи и на Јутјуб, а сите средства собрани преку прегледите треба да се распределат и донираат на хуманитарните организации во Украина.

Идејата на славната британска виолинистка успеа. Како што раскажува таа, сите со кои зборувала биле среќни што можат да им ја изразат својата поддршка на Украинците.

Видеото започнува со младиот Илија Бондаренко, кој е снимен во подрум-скривалиште во Киев каде се наоѓа во моментов.

Во ова видео учествуваат 94 различни виолинисти од 29 држави ширум светот, меѓу кои се и Клио Гулд од Обединетото Кралство, американскиот виолинист Марк О’Конор, Лондонскиот симфонсики оркестар и Филхармонијата од Осло.

На официјалната веб-страница, „Виолинистите ја поддржуваат Украина“, каде е објавено видеото и се споделени информации за тоа како и кон кои организации може да се донира, стои дека сите учесници своите видеа ги испратиле во период од 48 часа.

„Навистина ми беше голема чест и задоволство што толку луѓе на толку многу различни места го оставија она што го прават и за момент заедно ја покажаа својата солидарност преку правењето на нивното видео.“, сподели Керенза во интервју за би-би-си.

Илија и во претходната објава споменува дека уште од почетокот на војната во скривалиштето бил сам со својата баба, додека неговите родители се наоѓаат во друг град, па и по стапувањето во контакт со Керенза, тој останува со баба му која му помага да го снимат видеото наменето за проектот.

„Во моментот кога требаше да снимам се наоѓав под земја. Во тие мигови траеше бомбардирањето и само баба ми беше покрај мене, па ја прашав дали може таа да ме сними додека свирам на само неколку минути бидејќи цело време се обидуваме да се задржиме што потивки.“, раскажува Бондаренко за Би-Би-Си.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …