Виктор Димовски, директор на АНБ: УБК заминува во историјата, денеска е првиот работен ден на Агенцијата за национална безбедност (видео)

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, денеска во Владата на РСМ одржа прес-конференција по повод стартот на работата на Агенцијата и првиот работен ден.

Во продолжение на соопштението ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

На почетокот, сакам да им се заблагодарам и на членовите на двете Комисии формирани од Владата, Комисијата за изработка на актите на АНБ и Комисијата за селекција на вработените од УБК кои се преземаат во Агенцијата за национална безбедност, (кои во изминатите два месеци извршија огромна работа и кои) заедно со новиот заменик директор на АНБ (кој од денес стапува на должност) присуствуваат на денешната прес-конференција.

Првата Комисија (за изготвување на акти) во законски предвидените рокови ги изработи, а Владата ги усвои основните  акти за функционирање на Агенцијата

– Уредба за организација и работа на Агенцијата за национална безбедност,

– Правилник за систематизација на работните места на Агенцијата за национална безбедност и

– Одлука за утврдување на вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата за национална безбедност.

Втората Комисија (за селекција на работници од УБК кои се преземаат во АНБ ( а во чиј состав беа и двајца пратеници на предлог на надлежното работно тело на Собранието на Република Северна Македонија за надзор на работата на Агенцијата, како и двајца претставници на Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат во Министерството), постапувајќи согласно член 186 став 7 и 10 од Законот за АНБ изврши селекција и избор на потребниот број на работници за функционирање на АНБ во постапка која вклучуваше спроведување на ветинг во согласност со највисоките безбедносни стандарди.

Успешното завршување на работата на двете комисии во навистина кратките временски рокови утврдени со Законот за АНБ овозможи навремено отпочнување на работата на новата безбедносна институција.

Ми претставува посебна чест што, како директор на Агенцијата за национална безбедност, денеска, на 1 септември 2019 година, можам да соопштам дека од денеска Агенцијата започнува со својата редовна работа.

Иако за повеќето професии во земјата недела е неработен ден, тоа не важи за Агенцијата за национална безбедност. Сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање, и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.

Безбедноста на државата и на граѓаните не познава неработни денови и празници, и оттаму денешниот ден е првиот работен ден на вработените на Агенцијата. По тој повод им упатувам честитки на сите вработени и им посакувам успешна работа на планот на заштитата на  националната безбедност на државата, односно заштитата на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.

Дозволете ми да кажам дека денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува  клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата.

Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата.

Од денеска започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија.

Со ова се прави уште еден исчекор да се надминат недостатоците утврдени во извештаите на Европската комисија за Република Северна Македонија, и преку изградба на нови институции да се направи дисконтинуитет со одредени состојби својствени на заробени држави и да се овозможи целосна заштита на правата и слободите на граѓаните, а не нивна злоупотреба.

Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ.

Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 е формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување.

Она што ја прави современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција. Во таа смисла, Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.

Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Сакам уште да нагласам дека процесот на реформи на безбедносниот сектор сепак, не завршува со денот на отпочнување со работа на Агенцијата за национална безбедност.

Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, систем кој може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност.

Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на Агенцијата кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата.

На крајот од денешното обраќање би сакал уште еднаш, да ја нагласам мојата увереност дека со работата на Агенцијата за национална безбедност во целосна согласност со уставната и законската рамка во нашата земја и со целосно почитување и спроведување на основните европски вредности ќе демонстрираме не само определба, туку и капацитет да се носиме со сложените безбедносни предизвици во претстојниот период.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …