Русија и Украина направија размена на заробеници, во рамките на која човекот од доверба на Кремљ, Виктор Медведчук, е разменет за 200 украински борци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија, во рамки на размена на заробеници, ослободила 215 Украинци и странски државјани. Киев, за возврат, го ослободил човекот од доверба на рускиот претседател Путин, Виктор Медведчук. Тој, како што се вели, е разменет за 200 украински заробеници. Медведчук е поранешен лидер на проруска опозициска партија во Украина.
По речиси седум месеци војна, ова е прва голема размена на заробеници, која, како што јави агенцијата Анадолу, се реализирала со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Според Ердоган, согласноста околу размената на заробеници е „важен чекор“ во насока на ставање крај на војната во Украина.
205 Украинци се вратија од руско зароибеништво, напиша на Телеграм шефот на украинскиот претседателски кабинет Андриј Јермак. Според него, во групата ослободени се командантите на одбраната на Мариупол кои беа забарикадирани во челичарницата Азовстал. „Нашите херои се слободни“, напиша Јермак.
Сепаратистите во источна Украина, како што се наведува од украинска страна, ослободиле десет странци, кои со посредство на Саудиска Арабија заминале за Ријад. Јермак наведе дека Украина ослободила 55 руски војници, заробени во текот на офанзивата во регионот Харков на почетокот на септември.