Видео на Фејсбук шири дезинформации за ефектите од вакцините против ковид-19. Видеото за многу кратко време стана вирално, односно во моментот на нашата проверка тоа имаше 2.900 реакциии, 68 коментари и 5.100 споделувања, пишува „Вистиномер.мк“ во својата нова анализа.

Во видеото, новинарот Бобан Нонковиќ на јавноста ѝ презентира, како што тој нагласува, „Истражување на Центарот за биолошка евалуација и истражувања на Американската агенција за храна и лекови (ФДА), кое се нарекува План за набљудување и мониторинг на вакцините Ковид-19, нивната безбедност и ефикасност, потпишано од Стив Андерсон, првиот човек за биостатика и епидемиологија на центарот за евалуација на ФДА“, Притоа, Нонковиќ напоменува дека извештајот е направен на 30 октомври.

Според него, станува збор за „извештај за појавата на несакани дејства од вакцините кои веќе почнаа да се даваат против Ковид-19 во Велика Британија“, на Астра Зенека и на Фајзер и Бионтек, оние што треба да се чуваат на минус 70 степени“. Ова е делумно неточно, бидејќи во Велика Британија е одобрена само вакцината на Фајзер и Бионтек, не и на Астра Зенека. Модерна и Астра Зенека побараа вонредно регулаторно одобрување во САД и ЕУ. Исто така, лага е дека овие вакцини треба да се чуваат на минус 70 степени, бидејќи ова важи само за вакцината на Фајзер и Бионтек.

Внимавајте колку утврдени од американска овластена државна агенција има несакани дејства. Ќе ви ги кажам за да знаеме сите што ќе сакаме да шетаме по трговски центри, да работиме во приватни компании, да одиме надвор од границите на нашите земји, што не чека бидејќи ќе мора да ја примиме оваа вакцина. Не зашто ќе сакам, туку ќе бидам натеран и за тоа ќе биде биде баран тој здравствен ковид-19 картон дека сум ја примил вакцината и ревакцинацијата, 21 ден после првата, посочува Нонковиќ во видеото.

Ова, исто така, е лажна вест, бидејќи здравствените власти во земјава потенцираа дека вакцината нема да биде задолжителна, туку ќе се прима на доброволна основа. И, никој не кажал дека ќе има „здравствен картон за Ковид-19“. Имено, СЗО не препорачува пасоши за имунитет или тестирања заради патувања. СЗО размислува да воведе електронски сертификати за вакцинација, како што се оние што ги развива во соработка со Естонија.

Естонија и агенцијата на ООН започнаа пилот проект во октомври за изработка на дигитален сертификат за вакцинација или „паметен жолт картон“ како дел од иницијативата Ковакс, чија цел е да се промовира вакцинацијата против коронавирус во земјите во развој.

Интензивно размислуваме како да ја искористиме технологијата како одговор на пандемијата и еден начин е е-потврда за вакцинирање, рече Сидарта Дата, менаџер на СЗО за болести што можат да се спречат со вакцини.

Друг висок службеник на СЗО, Кетрин Смолвуд, изјави дека агенцијата е против тие пасоши како средство за нормализирање на патувањата во странство.

Не препорачуваме „пасош на имунитет“ или тестирање како средство за спречување на прекугранично пренесување на коронавирус, рече Смолвуд, повикувајќи ги државите да ги засноваат препораките за патувања врз податоците за пренос на ковид-19.

Понатаму во своето видеообраќање Нонковиќ се задржува на 20 нуспојави од вакцините „утврдени од страна на ФДА“.

Гилен бар синдромот, ова е парализа класична, енцефамиолитис , потоа има воспаление на рбетниот столб, напади, срцев удар, нарколепсија и каталепсија, анафилаксија, акутен миокарден инфаркт, миокардитис или перикардитис, автоимуна болест, смрт. Влијание на бременост и при раѓање на деца акутни болести: неафилактички алергиски реакции, тромбоцитопенија, значи интраваскуларна коагулација, згрутчување на крвта, венозна тромбоеболија, артритис или артлагија, кавасаки болеста, мултисистем синдром на воспаление кај децата и болести разни други кои би можеле да бидат предизвикани од страна на оваа вакцина, или овие вакцини бидејќи ова е сеопшт заклуочк на ФДА во однос на сите испитани дотогаш готови, а сега веќе во функција вакцини за Ковид-19.

Повторно невистина. Документот што го презентира Нонковиќ, како што и самиот вели на почетокот, е официјален ПЛАН за мониторирање на безбедноста и ефективноста на Ковид-19 вакцината (CBER Plans for Monitoring COVID-19 Vaccine Safety and Effectiveness). Тоа, всушност, значи дека документот не е извештај или заклучок на веќе спроведен план.

Доколку се прочита целиот документ, ќе се види дека во него се наведуваат сите методи, практики и начини на кои што ЦБЕР (Center for Biologics Evaluation and Research – Центарот за биолошко оценување и истражување) ќе ја спроведе својата проверка за безбедноста на вакцината.

Листата која ја споделува Нонковиќ со „потврдени нуспојави“ е, всушност, драфт листа на потенцијални неповолни настани кои ќе се следат во процесот на мониторирање и евалуација на вакцините. Adverse effects i side effects се различни работи. Аdverse efects се настани коишто примателите на вакцините ги пријавуваат дека им се случиле после добивање на вакцина, за кои не се потврдени дека причинителот е самата вакцина, а Side effects се потврдени нус појави од вакцинација. Значи, овде не се говори дека овие појави се појавиле при тестирањето на вакцината, туку само дека надлежните ќе обраќаат внимание на нивното можно појавување, на нивната евентуална појава во текот на вакцинирањето. Доколку стануваше збор за појави кои веќе се случиле, тогаш сигурно ќе имаше и процентуални бројки, односно кај колкав процент од испитаниците имало вакви појави. Такво нешто, како што ѝ се гледа од документот, нема.

На крај, во документот не се спомнува ниту еден производител на вакцина, баш поради тоа што не е намената на истиот да ги евалуира, туку само да наведе низ кој процес ќе треба да поминат сите што сакаат да добијат одобрување од ФДА.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ставовите презентирани во видеото не се ништо друго освен голема дезинформација. Ваквите лажни тврдења во услови на пандемија од коронавирус, можат да нанесат сериозна штета на општото јавно здравје и особено на процесот на вакцинација кој е единствена светска надеж за враќање на животот во нормала, пишува „Вистиномер.мк“ во својата нова анализа.

Извор: МЕТА