Вистиномер : Химната на САД не е плагијат на руска народна песна

Вистиномер: Химната на САД не е плагијат на руска народна песна

Споменатата руска песна всушност се вика „Хасбулат удалой“ и не е народна, туку е дело на поетот Александар Амосов и композиторката Олга Агренева-Славјанскаја од 19 век, пишува Вистиномер

Објава на Фејсбук шири невистина дека химната на САД е плагијат на руската народна песна „Хасбулат молодой“. Меѓутоа, мелодијата на химната на САД е преземена од британската песна „To Anacreon in Heaven“ од 18 век, а споменатата руска песна всушност се вика „Хасбулат удалой“ и не е народна, туку е дело на поетот Александар Амосов и композиторката Олга Агренева-Славјанскаја од 19 век, пишува Вистиномер.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

ПЛАГИЈАТ НА ВЕКОТ. ХИМНА НА САД ,ТОА РУСКА НАРОДНА ПЕСНА “ХАСБУЛАТ МОЛОДОЙ”

Тоа тврдење го има и во некои други објави, па оваа рецензија важи и за нив, линкови до нив: тукатука и тука. Тврдењето во сите досега наведени објави е невистинито, што го потврдуваат и руските неделници Культура и Аргументы и факты, како и дневниот весник Коммерсантъ.

Мелодијата на химната на САД е, всушност, преземена од британската песна „To Anacreon in Heaven“ на композиторот Џон Стафорд Смит (1750 – 1836) и текстописецот Ралф Томлинсон (1744 – 1778), а таа најверојатно била напишана во 70-тите години на 18 век.

Песната била „химна“ на т.н. Анакреонтско друштво, лондонски џентлменски клуб именуван по еден старогрчки дворски поет, чии дела биле со лирска и хедонистичка содржина и говореле за убавите жени, љубовта, виното, забавата и сл. Во тие џентлменски клубови се собирале мажите од високата класа за да се разонодат со играње карти, билијард, алкохол, храна, музика во живо и сл.

Мелодијата станала популарна среде Американците, кои врз неа додaвале свои стихови, но со патриотска содржина, а пример за тоа била песната „Adams and Liberty“ од крајот на 18 век. Во 1814 г. поетот Франсис Скот Ки (1779 – 1843) ја напишал поемата „The Star-Spangled Banner“, што потоа било споено со споменатата мелодија, па тоа било изведувано на паради, празници и сл. На 3.3.1931 г. тоа било прогласено за официјална химна на САД со резолуција на нивниот Конгрес.

Што се однесува до руската песна спомената во објавата, таа не е народна, туку авторска и се појавила многу подоцна од онаа британската и не се вика „Хасбулат молодой“, туку „Хасбулат удалой“. Тоа прво била поема под наслов „Элегия“ на поетот Александар Амосов (1823 – 1866).

Toj учествувал во поробувањето на Кавказот од страна на Руската Империја, а оттаму е името на главниот лик во поемата, Хасбулат, кое го има во Чеченија, Дагестан и околината. Амосов таму бил ранет, па пишувал за воениот весник Русский инвалид, во кој таа поема била објавена на 16.11.1858 г. Подоцна, за тие стихови музика компонирала Олга Агреневна-Славјанскаја (1847 – 1920).

Со оглед дека таа била фолклорист, некои сметаат дека за „Хасбулат удалой“ била употребена руска народна мелодија, но тоа тврдење не е добро поткрепено. Некои од руските медиуми, кои веќе ги наведовме, сметаат дека мелодијата била преземена од онаа британската, со која почна приказнава, а тој податок го има и во е-библиотеката на Руската академија на науките (РАН).

Значи, химната на САД е преземена од некаде, но не од таа руска песна, а и самата таа е најверојатно преземена. Треба да споменеме дека низ светот имало и други случаи на преземање на странски мелодии, со цел да се употребат во национални химни, а тоа доста го правела Русија.

Таков бил случајот со руската химна воведена во 1816 г., позната како „Молитва русских“ или „Молитва русскаго народа“, која била копија на британската химна „God Save the King“, а тој стих бил преведен како „Боже, царя храни“. Под тој наслов, кој бил практично ист како и оној на британската химна, во 1833 г. била воведена нова руска химна, само што оваа звучела поруски од претходната.

По Февруарската револуција, Русија ја презела француската химна „La Marseillaise“, на руски преработена како „Рабочая Марсельеза“, за по Октомвриската револуција, химна на Советска Русија да стане „L’Internationale“, уште една француска револуционерна песна. Мелодијата на сегашната руска химна, пак, е преземена од онаа на бившиот Советски Сојуз. Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Владина криза во Франција, предизборна борба во Германија – двете најважни држави во ЕУ се …