Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, деновиве во јавноста ја пласираше информацијата дека „Во новата наставна програма химната е отстранета и наместо неа, Власта смета дека поважно за ќерка ми е да ја научи и пее Dzelem, Dzelem и албанската Shtatori“, која „Вистиномер.мк“ ја оцени како невистина

Ова тврдење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, објавено на неговата Фејсбук страница за наводното отстранување на химната од наставните програми, експресно без никаква дополнителна проверка на наводите го пренесоа повеќе медиуми, а се ширеше и на социјалните мрежи и предизвика остри реакции во јавноста.

По објавата на Јаревски реагираа од Бирото за развој на образованието од каде негираат дека изучувањето и пеењето на македонската химна се изоставени од образовните програми.

Во соопштението на Бирото, меѓу другото, се вели:

Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми.

Оттаму појаснуваат дека „со химната на Република Северна Македонија учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образовани и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија. (наставна програма од 22.05.2008 година)“

Во сите наставни програми по музичко образование и во претходните наставни програми и во новите наставни програми во општите цели за наставниот предмет стои: ученикот/ученичката да пее песни со разновидна мелодиска линија, а во конкретните цели (за одделни наставни часови) да пее песни различни по карактер и содржина на македонски јазик и јазиците на народите кои живеат во нашата земја, што остава слобода на наставникот во зависност од контекстот, времето на изведување на наставата, корелацијата со други предмети (поврзано со државни празници, патрони празници итн.) да ја изведува со учениците химната на државата и/или други свечени песни“, се вели во соопштението од Бирото за развој на образованието.

Извор: МЕТА