Вистиномер: Не е точно дека првата одлука на Ковачевски е набавка на златни чинии

Димитар Ковачевски сè уште не е премиер, за да може да одлучува за јавни набавки на Владата. Ковачевски мандатот за состав на Владата го доби на 30.12.2021 година, а собраниската седница за избор на нова влада е закажана за 15.01.2022 година, анализира „Вистиномер“.

Текстот го пренесуваме во целост:

На 12.01.2022 година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ја одлуката на Владата да распише јавна набавка за нов прибор за угостителство, соопшти невистина. До медиумите, а и на сајтот на партијата, објавено е соопштение со следниов наслов:

Прва одлука на Ковачевски, набавка на златни чинии за јадење, набавка вредна 140 месечни плати.

[Извор :ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 12.01.2022 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Службата за општи и заеднички работи врши јавна набавка на потрошен кујнски материјал за потребите на сите државни институции, вклучително Претседателот на државата, Собранието и владините институции, како и за сите посети на странски делегации во Република Северна Македонија, објави порталот ММС.

Три фирми го добиле договорот вреден над 37.000 евра. Тие до владината сужба треба да достават висококвалитетна бела техника – софистицирани електрична и плинска скара, витрина, шок фрижидер од инокс, фрижидер за замрзнување храна, апарат за пеглање, стик правосмукалка, машина за пакување храна, но и повеќе комплети на најразлични прибори за јадење за владината кујна. Огласите за јавните набавки се објавени на 24.12.2021 година.

Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за набавка на нов кујни прибор била „прва одлука“ на Ковачевски што е „нон сенс“. Имено, Димитар Ковачевски сè уште не е премиер, за да може да одлучува за јавни набавки на Владата. Ковачевски мандатот за состав на Владата го доби на 30.12.2021 година, а собраниската седница за избор на нова влада е закажана за 15.01.2022 година.

Дополнителна манипулација во ова соопштение, односно премолчена дезинформација, е фактот што сите електрични и плински апарати и други предмети, наведени во набавката, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ не се спомнуваат, а сè со цел јавноста да добие погрешен впечаток дека вкупниот износ од 37 илјади евра е потрошен само за чинии и прибор за јадење (ножеви, вилушки, итн.). Со дезинформирањето се продолжува и преку реченицата во која се вели дека „Ковачевски набавува луксузен прибор за јадење, кој чини колку 140 месечни плати на еден работник во Македонија.“ Покрај тоа што набавката нема врска со Ковачевски, како што видовме погоре, не е точно ни дека „приборот за јадење чини колку 140 месечни плати на еден работник во Македонија.“ Цената на приборот за јадење е многу помала од 140 месечни плати затоа што во износот од 37.000 евра има и редица електрични и плински апарати, како и други предмети. Сите тие заедно, сосе приборот за јадење може да се каже дека чинат колку 140 работнички плати. Но, тоа не е точно и претставува дезинформација кога се спомнува само приборот за јадење.

Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за јавната набавка за нов угостителски прибор, рече дека откако ќе биде избран за премиер, ќе ја провери и доколку е во обем и постапка која е несоодветна, ќе ја поништи.

Јас немам детали за таа набавка, бидејќи сè уште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа откако ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам, рече претседателот на СДСМ Ковачевски.

Оттука, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека „прва одлука на Ковачевски е набавка на златни чинии за јадење, набавка вредна 140 месечни плати“ е невистинито, пишува „Вистиномер“.

Прочитајте повеќе

гимназуја јосип броз тито дојава за бомба

Малолетник го признал делото за една од лажните дојави за бомби во скопските училишта

Малолетник од Скопје доби кривична пријава откако признал дека минатиот месец испратил лажна дојава за …