вистиномер

Вистиномер: Неколку случаи на мајмунски сипаници не значат „нова пландемија“

Ситуацијата со мајмунските сипаници и бројот на досега заразени засега не укажува на тоа дека станува збор за пандемија. Од 13 до 21 мај лабараторски потврдени се 92 случаи на овој вирус. Освен што не се работи за пандемија, не станува збор ниту за „пландемија“ – познат и широко распространет термин кој го користат антиваксерските движења за коронавирусот, за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија, пишува Вистиномер.мк. 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Фејсбук објава тврди дека појавата на неколку случаи на мајмунски сипаници кај луѓе значи дека се подготвува нова пандемија и ја нарекува „пландемија“, термин кој антиваксерите и теоритичарите на заговор го користеа за пандемијата со коронавирусот. Десетици случаи на појава на мајмунски сипаници надвор од Африка не е значат пандемија, ниту пак значи дека сето ова е исценирано, како што се инсинуира во објавата.

МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ
(за мајмуни како нас)
Се обидуваа со повеќе наративи за новата пандемија, па изгледа најмногу им се допадна онаа со мајмуните (покрај ковид-19 верзија 2.0 која секако продолжува со присилното вбризгување на неиспитани состојки во телата на оние кои дозволуваат).
Во март 2021 година договорено е да се направи тест-сценарио за следната пандемија од мајмунски сипаници која се појавува локално и се шири глобално. (Познато веќе?)…И за ковид-19 два месеци пред избувнувањето имаше вакво тест-сценарио, Event 201, се сеќавате? Повеќе на линковите под [1]
Ако некој сака убаво да слушне за тест-сценариото за следната пЛандемија, погледнете ја Аmazing Polly. Неверојатен истражувач, го работи она што треба да го прави секој добар новинар [2]
И кај нас веќе се шири приказната срамежливо по портали. Коментарите под едниот од нив, ме уверуваат дека СЕПАК, ИМА НАДЕЖ И ЗА НАС! [3]

Пандемија е појава на заразна болест која се јавува на широка географска област и која е со висока распространетост. Пандемијата генерално погодува значителен дел од светската популација, обично во текот на неколку месеци.

Ситуацијата со мајмунските сипаници и бројот на досега заразени засега не укажува на тоа дека станува збор за пандемија. Од 13 до 21 мај лабараторски потврдени се 92 случаи на овој вирус.

Освен што не се работи за пандемија, не станува збор ниту за „пландемија“ – познат и широко распространет термин кој го користат антиваксерските движења за коронавирусот, за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија.

Во оваа објава, тврењето дека станува збор за „пландемија“ односно веќе однапред смислен план, се базира на вежба која се одржала во март 2021 година, наречена „Зајакнување на глобалните системи да се спречи и да се одговори на биолошки закани со високи последици“, организирана од Иницијатива од нуклеарна закана и Минхенската конференција за безбедност.

Сценариото за вежбање прикажало смртоносна, глобална пандемија која вклучува необичен вид на вирусот на мајмунски сипаници, кој прво се појавува во измислената земја Бринија и на крајот се шири на глобално ниво.

Она што се симулирало со оваа вежба, а не е истакнато во Фејсбук објавата, е дека првичната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност. Сценариото на вежбата завршува со повеќе од три милијарди случаи и 270 милиони смртни случаи на глобално ниво.

Целта на вежбата била да ги утврди празнините во националните биосигурности, исто како и во  меѓународната биосигурност, понатаму подготвеноста за пандемии и истражување на можностите за подобрување на способностите за превенција и одговор за биолошки настани со високи последици. Вакви вежби, за различни аспекти од системот за заштита и спасување, се правеле и ќе се прават и не претставуваат никаква невообичаена практика.

Освен дека станува збор за мајмунски сипаници, ништо друго од вежбата не одговара на сегашните случувања и појавата на неколку случаи на вирусот кај луѓе надвор од Африка. Впрочем, во вежбата се симулира дека се работи за „необичен вид мајмунски сипаници“, дека е „вирусот е креиран во лабараторија“ и дека станува збор за „терористички напад“. Ниту една од овие клучни карактеристики не е поклопуваат со сегашната реална ситуација.

Во објавата споделен е линк од видео во кој што се обраќа Аmazing Polly и зборува дека за овој вирус, како и за коронавирусот постоел однапред смислен план. Иако во објавата таа се нарекува „неверојатен истражувач“ и „добар новинар“ и со тоа ја наведува јавностa да ѝ верува дека ја говори вистината, сепак треба да се има предвид дека станува збор за личност која во повеќе наврати ширела теории на заговор, особено за коронавирусот, за кои постојат докази и факти дека се невистинити. Поли, кое што не е нејзиното вистинско име е Канаѓанка, која на Јутјуб шири теории на заговор и има голема публика. Таа е позната по ширењето на гласината дека онлајн продавницата Wayfair продава деца на својата веб-страница, нешто што се покажало дека не е точно. Поради ова, таа доби забрана за поставување видеа на Јутјуб и ѝ беше затворен нејзиниот влијателен профил на Твитер.

Инаку, мајмунските сипаници не се новост. Неколку илјади случаи се пријавуваат секоја година, речиси сите во Африка, иако некои од новопријавените случаи во Европа немаат позната врска со Африка.

Вирусот кој стои зад мајмунските сипаници е близок до оној што предизвика мали сипаници, но е помалку смртоносен и помалку пренослив, предизвикувајќи симптоми кои вклучуваат треска и осип. Се нарекуваат мајмунски сипаници затоа што биле откриени во колонии на мајмуни користени за истражување во 1958 година.

За жал, социјалните мрежи веќе се преполни со дезинформации за мајмунски сипаници и истите се поврзуваат со коронавирусот и со вакцините. Исто како ковид-19, и мајмунските сипаници се предизвикани од вирус, но тие ни оддалеку не се поврзани. Коронавирусот беше сосема непознат кога се појави меѓу популацијата, но мајмунските сипаници се познати и постојат експерти кои го истражуваат овој вирус.

Според Светската здравствена организација луѓето можат да го пренесат еден на друг овој вирус преку контакт со телесни течности, лезии на кожата или мукозни површини како што се устата или грлото.

Во следниот период, научниците треба да ги секвенционираат вирусите од сегашните епидемии, што ќе покаже дали тие имаат мутации кои можеби ги промениле нивните својства. За неколку недели европските епидемиолози треба да имаат појасна претстава за тоа како започнале постојните случаи и дали има врска меѓу нив.

Од сите овие причини, треба да се избегнува читање на разни теории на заговор, кои со невистини имаат цел погрешно да информираат и заплашат. Не треба да се верува на секакви информации споделени на социјалните мрежи, ако за нив нема цврсти докази од релевантни истражувања и институции. Така е и со оваа објава, во која се тврди дека по неколкуте случаи на мајмунски сипаници, се подготвува нова пандемија, односно „пландемија“, која ја оценуваме како невистинита.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …