Вистиномер: Партиите ги кријат своите финансии, ЕК апелира на зголемена транспарентност

Транспарентноста на финансирањето на политичките партии е поразителна, покажува посебниот Извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања за локалните избори 2021 на Антикорупциската комисија, кој неодамна беше презентиран на јавна седница на ДКСК, а сега се наоѓа во собраниска процедура. Антикорупционерите отвориле 54 предмети, од кои три се од приговори, шест по сопствена иницијатива и останатите се од пријавувачи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Полтичките партии, иако имаат законска обврска на своите веб-страници да ги објават податоците за примени донации и годишните извештаи, Извештајот на  ДКСК покажува дека од вкупно 31 политичка партија кои имаат интернет страница, само седум ги имаат во целост објавено, три партии делумно, а 18 немаат објавено никакви извештаи. На три партии интернет страниците не им се активни.

Од анализата на донациите, ДКСК констатирала дека кај еден независен кандидати 11 невработени лица уплатиле вкупно околу 630 илјади денари. За 54 уплати во износ од 1,34 милиони денари не постојат податоци за лицата кои ги уплатиле, додека 48 донатори уплатиле 4,2 милиони денари во поединечни износи, а за кои постои сомневање дека немаат толку големи месечни приходи. За една коалиција 18 донатори уплатиле 1,68 милиони денари, а за кои постои сомневање дека немаат толку големи месечни примања и четири невработени лица уплатиле 400 илјади денари.

Во извештајот на ДКСК, исто така, се констатира дека во изминатите десет години направени се 32 интервенции на постоечкиот Изборен законик, од кои 14 се за спроведување на рекламирањето на партиите, а интересно е тоа што за носењето на ниту една измена не била организирана јавна расправа.

Во Северна Македонија партиите имаат обврска на своите веб-страници да ги објавуваат годишните финансиски извештаи, годишната сметка за финансиското работење како и полугодишен регистар на донации. Овие документи, како и финансиските извештаи од изборните кампањи партиите ги испраќаат и до Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Државната изборна комисија.

Но, многу често партиите не ги почитуваат овие законски обврски, а со тоа ја лишуваат јавноста од многу потребната транспарентност за начинот на нивното финансирање и трошење на финаниските средства, а истовремено ги оневозможуваат институциите да утврдат незаконски дејствија и да побараат одговорност. Сетоа ова придонесува за нарушување на владеењто на правато и демократските процеси, за што апелира и Европската комисија.

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, во Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права, се вели дека политичките партии треба да ги подобрат своите внатрешни демократски процеси.

Треба да продолжат активностите за подобрување на ефективноста на демократскиот систем, како и транспарентноста во финансирањето на политичките партии, во согласност со препораките на Групата на држави против корупција (ГРЕКО). Преземени се чекори од страна на некои политички партии за зајакнување на нивниот внатрешен политички процес, но потребни се дополнителни напори, вклучително и со зголемување на транспарентноста на финансирањето на политичките партии, стои во Извештајот на ЕК.

Во Извештајот се цитирани податоци од ДЗР, според кои во 2020 година, 13 политички партии не поднеле во законски предвидениот рок еден или сите три вида финансиски извештаи – годишни сметки, годишни финансиски извештаи и извештаи од регистарот на донации примени за 2019 година. Поведена е постапка пред Министерството за правда и изречена е мерка за суспензија на исплата на средства за редовно годишно финансирање. Во 2020 година, извршени се ревизии на финансиските извештаи за редовното работење на четири политички партии, како и ревизија на финансиските извештаи на сите 15 организатори на изборни кампањи за предвремените парламентарни избори во 2020 година.

Извештајот нотира дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност односно е умерено подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата.

Нетранспарентноста на политичките партии е нотирана и во прелиминарните наоди и заклучоци на мисијата на ОДИХР за набљудување на локалните избори минатата година. Од таму потенцираат дека и покрај тоа што постои сеопфатна законска рамка за финансирање на кампањата, остануваат некои правни празнини и недоследности, а релевантните институции немаат дадено препораки.

Недоволниот надзор и доцното објавување информации за приходите од кампањите ја намалија транспарентноста и го поткопаа откривањето потенцијални прекршоци, заклучуваат од ОДИХР.

Оттаму забележуваат дека во многу периодични извештаи, меѓу кои и извештаите на големите парламентарни партии со видливи расходи за кампањата, има само штури или воопшто нема информации за изворите на финансирање на кампањата, пишува „Вистиномер“.

Прочитајте повеќе

Поарно директор на државна фирма отколку премиер

Директори на некои државни претпријатија, па макар и загубари, имаат дури и двојно повисока плата …