Вклучувањето на Поштата во листата на најзагрозени споменици во Европа отвара можности за финансирање на нејзината обнова

Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка, вчера ја објави Листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со културно наследство во Европа за 2021 година. На листата е вклучена и зградата на Централната Пошта во Скопје, ремек-дело на македонскиот архитект Јанко Константинов.

По тој повод, во Шалтер салата на овој објект денеска се одржа прес-конференција, по повод вклучувањето на овој репрезент на пост-земјотресната обнова на Скопје на Листата на 7-те најзагрозени спомени и локалитети во Европа за 2021 година.

Дури и во овие услови, денеска оваа зграда изгледа величествено и можам само да се воодушевам на делото на архитектот од тоа време, изјави денеска амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир.

Евроамбасадорот Гир напомена дека овој објект бил еден од знаменитостите што никна од рушевините по земјотресот од 1963 година.

„Тоа беше дело на имагинација и смелост, скапоцен камен на т.н. бруталистичка архитектура на тоа време и симбол на меѓународната солидарност која што го одбележа периодот на реконструкција која што следеше после 1963 година“, рече Гир.

Тој додаде дека одлуката на Европа Ностра која што беше објавена вчера, праќа СОС аларм на сите – на Владата, на граѓанското општество, на бизнисот, како и на обичните граѓани и на меѓународната заедница, да делуваат со цел за да ја спасат оваа знаменитост.

Евроамбасадорот потенцираше дека ЕУ целосно останува посветена на заштита на културното наследство. Тој додаде дека Унијата ја има демонстрирано својата посветеност за ова преку финансии што се ставени на располагање преку програмите Креативна Европа, Европа за граѓаните и Хоризонт Европа, во коишто досега земјава има учествувано поеднакво со другите земји-членки на ЕУ.

„Се надеваме дека земјата ќе продолжи да учествува и во другите финансиски циклуси обезбедени од страна на ЕУ, на тој начин, отварајќи можности за различни партнери и вклучувајќи ја поштата да аплицира и, се разбира, да имаат бенефит од овие можности за финансии од страна на ЕУ“, изјави евроамбасадорот Гир.

Директорот на Пошта на Северна Македонија, Јани Макрадули истакна дека Шалтер салата е простор кој сам не може да се врати во првобитниот сјај.

„Со гордост можам да најавам што процесот на враќање на сјајот на оваа архитектонска гордост на главниот град и на целата земја, од денес започнува“, изјави Макрадули.

Тој додаде дека избраните 7 локалитети од Европа Ностра добиваат грант до 10.000 евра од Европската инвестициона банка, која што за зградата на Централната Пошта во Скопје е симболична сума, но е многу важна, затоа што самото вклучување на овој објект на Листата на Европа Ностра е најдобрата апликација кон европските фондови.

Директорот Макрадули наведе дека овој почеток треба да биде поттик за мобилизирање на неопходната поддршка, како што што е кадровска, техничка поддршка што треба да дојде од целата научна и стручна јавност.

„Сметам дека зградата на Централната Пошта во Скопје мора да биде активен дел од урбаното и културно ткиво на Градот скопје“, изјави Макрадули.

Инаку, вчерашната објава на 7-те најзагрозени локалитети во 2021 година беше најавена на дигитален настан со високи претставници од Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, со учество на Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади.

„Европското културно наследство е нашето минато, сегашност и иднина. Тоа е дел од нашиот идентитет и ги доближува заедно луѓето од нашиот континент во заеднички вредности и искуства. Тоа е скапоцено и заслужува наше најголемо внимание и заштита. Со Програмата 7-те најзагрозени, ние го ставаме на виделина нашето европско наследство во опасност, подигнуваме свесност и го трасираме патот кон одржлива иднина на избраните локалитети”, изјави вчера Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади.

Избраните 7 најзагрозени локалитети се квалификувани за ЕИБ грант за наследство до 10.000 евра по локалитет. Грантот за наследство може се додели на избраните 7 најзагрозени локалитети за да се помогне во имплементирањето на активности кои ќе допридонесат кон зачувување на загрозениот локалитет.

Тим на експерти кои ја претставуваат Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, заедно со организациите и останатите партнери кои ги номинирале локалитетите, ќе учествуваат во проценката на секој локалитет со собирање на информации и со комуникација со главните засегнати страни. Овие мултидисциплинарни тимови ќе обезбедат експертски совет, ќе идентификуваат можни извори на финансирање и ќе помогнат да се моблизира широка поддршка за да се сочуваат овие културни белези. На крајот на процесот на проценката, тие ќе формираат и комуницираат сет на совети за идни активности.

Централната пошта е извонреден објект лоциран во Скопје со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера. Дизајниран е од македонскиот архитект и уметник Јанко Константинов и е финализиран во 1974 година. Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година. Сепак, првичното застаклување на куполите и муралите на дизајнерот на ентериерот Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување, беа целосно уништени или претрпеа сериозна штета.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …