Вкупно 38 години затвор за убијците на Саздовски

Вкупно 38 години затвор за убијците на Саздовски

На вкупно 38 години затвор судот ги осуди  Бесир Беља и Скендер Демири за свирепото убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски – Саздо. Добија идентична казна, по 19 години, бидејќи лекарите и вештаците не можеа да утврдат кој од обвинетите му го задал фаталниот удар на Саздовски кој со клоци и тупаници бил удрен 16 пати. Судијката Даниела Алексовска – Стојановска денеска пресудата ја соопшти пред родителите и на осудените Беља и Демири, но и пред семејството на починатиот Никола.

„Длабоко сум убедена дека обвинетите со ваквото свое дејствување ги прекршиле очекувањата на своите родители. Нивните загрижени татковци ги гледавме на сите главни расправи. Убедена сум дека тие не ги воспитувале своите синови, свирепо да убиваат на улица. Колку и да изгледа строго оваа кривична санкција во нивните очи која по својата висина е еднакво приближна на возраста на обвинетите, секако обвинетите треба да имаат доблест да се соочат со истата и да ги сносат последиците од кривичното дело“, рече судијката Даниела Алексовска – Стојановска.

Иван Саздовски, таткото на Никола посочи дека се задоволни од висината на пресудите, но имаше и што да додаде:

„За нас како родители, за мене лично и илјада години да беше казната, односно нема земски суд, што би можел да обезбеди вистинска казна за ова дело“, рече Саздовски.

Семејството на осудениот Бесир Беља смета дека казната е драконска. Препозна политичка заднина во пресудата на судот.

„Ние видовме со случајот на малиот Алмир што се случи, а што се случува со овој случај. Значи сè уште нема правда во Македонија за Албанците“, рече Бесарт Беља, брат на Бесир Беља.

Со висината на затворската казна не се согласува ниту адвокатот на осудениот Скендер Демири.

„Од самиот почеток предметот во истражна постапка се водеше за сосема друго кривично дело, но поради притисоците кои беа направени од одредени навивачки групи, поточно навивачката група „комити“ се дојде до преквалификација“, рече Асмир Алиспахиќ, адвокат.

Третообвинетиот Јетон Љужа е во бегство. Според обвинителството, на 29 јуни лани тројцата го претепале Саздовски на автобуска постојка во населбата Автокоманда во Скопје. Поради повредите, Саздовски почина десет дена подоцна.

Извор: АлсатМ

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …