Влада: 10.000 семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје ќе добијат по 1.000 евра за клима инвертери

Влада: 10.000 семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје ќе добијат по 1.000 евра за клима инвертери

На денешната заедничка прес-конференција, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев,  заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули ја презентираа еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинства во општините Битола, Кичево, Тетово и Градот Скопје. Субвенционирани, со по 1000 евра ќе бидат 10 илјади семејства кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот. Информацијата за оваа мерка беше разгледана и усвоена на вчерашната редовна 158 седница на Владата на Република Северна Македонија.

На прес-конференцијата премиерот Зоран Заев  информираше дека Владата е силно посветена на справување со изворите на загадување на воздухот како единствено правилен пристап во решавањето на проблемот со аерозагадувањето. Во продолжение ви ги пренесуваме обраќањето на премиерто Заев за еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима: 

Почитувани граѓани,

Квалитетна и здрава животна околина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани во Северна Македонија, и во исто време клучна заложба на Владата.

Сите истражувања, и меѓународни и домашни, покажаа дека најголемите концентрации на загадувачки супстанци се јавуваат во текот на зимскиот период за време на грејната сезона.

Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг проектот со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Таа студија потврди дека дури 90% од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето.

Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Битола, Кичево, Тетово, како и во Скопската котлина, односно во Скопје. Токму затоа, овие четири града се ставени во врвот на приоритетите за решавање на овој сериозен проблем којшто е закана по здравјето за граѓаните што живеат во овие средини.

Анализите што беа правени во периодот откако Планот за чист воздух стана стратешки приоритет на Владата, се однесуваа на изнаоѓање алтернативни решенија за греење на домаќинствата за да се намали загадувањето и да се заштити здравјето на луѓето.

Преземањето итни акции за намалување на загадувањето е од најголема важност. Затоа, покрај активностите предвидени во Планот за чист воздух, како една од клучните  мерки против загадувањето на воздухот, на предлог на Министерството за животна средина, е прифатена еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните за набавка инвертер клима уреди за домаќинствата кои се греат на дрва или на други нееколошки енергенси и уреди.

На оваа мерка се одлучивме бидејќи греењето со инвертер клима уреди е еден од најеколошките начини за греење.

Истовремено, споредбено, ценовно, со сегашните цени на електрична енергија и цените на пазарот на дрва, греењето со инвертер клима уреди е и далеку најевтино.

Компаративната анализа на вкупните трошоци за греење на површина од 60 м2, покажува дека при греење со инвертер клима уреди, едно домаќинство ќе го чини 11.734,00 денари, со дрва 18.586,00 ден – што е за 58% повеќе, со пелети 26.010,00 ден – што е за 122% повеќе, со нафта за домаќинство 43.038,00 денари – што е за 267% повеќе и со панел радијатори 35.831,00 ден – што е за 205% повеќе во однос на инвертер климите.

Почитувани,

На вчерашната седница на Владата ја разгледавме и усвоивме Информацијата за спроведување на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје.

Овие градови, како најпогодени од загадениот воздух, се вклучени во оваа прва фаза од спроведувањето на оваа мерка. Истата потоа ќе продолжи да се применува и во другите градови во наредните фази.

Субвенционирањето ќе се однесува за оние домаќинства што користат енергетски неефикасни уреди за греење, со што влијаат на зголемување на концентрација на РМ 10 и РМ 2.5, односно оние домаќинства што користат тврди горива, дрво и јаглен и фосилни горива со висока емисија на јаглероден диоксид и штетни ПМ честички, како што е нафтата. Греењето што загадува и го загрозува здравјето на луѓето, го менуваме со еколошко и поевтино греење.

За реализацијата на оваа еколошка мерка, Владата на Република Северна Македонија наиде на одлично разбирање од страна на АД Електрани на Северна Македонија.

Оваа компанија во државна сопственост покажа исклучително високо чувство за општествена одговорност и се согласи, во оваа прва фаза од оваа мерка да донесе одлука за обезбедување на средства во висина од 618.000.000 денари, или 10 милиони евра, за имплементација на субвенционирањето на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди.

Оваа мерка ќе опфати 10.000 домаќинства, и тоа во градот Скопје 5200 домаќинства, во општина Битола 2500 домаќинства, во општина Тетово 1500 домаќинства, и во општина Кичево 800 домаќинства.

Тоа значи дека секое домаќинство опфатено во оваа фаза ќе располага со 1000 евра во денарска против вредност, што е сосема доволно за набавка на ефикасен клима инвертер од добавувачите на овие уреди кои ќе бидат вклучени во оваа мерка.

За начинот и текот на постапката за замена на печките на тврди и фосилни горива, граѓаните ќе бидат детално запознаени преку кампања од јавен интерес која ќе ги запознае и ќе им помогне на наједноставен можен начин да бидат корисници на оваа мерка.

Овој еколошки проект, како и другите што ќе бидат преземени за целосно справување со загадениот воздух има за цел во наредните три години целосно да биде елиминирано користењето на печките на тврди и фосилни горива во фази во наредните 3 години.

Здравјето на нашите граѓани и здравата животна средина е нашиот приоритет, и тоа ќе остане така сѐ додека постојат закани во однос на овие прашања.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …