Влада, МЕР, Град Скопје: Водно го заштитивме, продолжува гасификацијата на Македонија

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, денеска на прес-конференција во Владата на Република Македонија информираа за изградбата на магистралниот гасовод, делница 5, Скопје-Тетово-Гостивар.

Тие, во своите обраќања посебно се осврнаа на делот од трасата на гасоводот која поминува преку парк – Шумата Водно и информираа за промените во зафатот и плановите за ревитализација на Водно.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули објасни дека Водно не се дава на стихијна градба, туку на строго и прецизно проектирана и мониторирана имплементација на гасификацијата.

„Во Скопје загадувањето е едно од најголемите предизвици. Податоците се немилосрдни. Ако ништо не промениме во Скопје, емисиите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките до 2021 година ќе се зголемат за 31%, во однос на измерените во 2015 година. Доколку пак ги преземеме мерките што ги планираме, тогаш емисиите на овие честички ќе се намалат за 70%, а емисиите на јаглерод-оксид ќе се намалат за 56%“, рече Макрадули.

Тој уште додаде дека за Скопје и за цела Македонија, гасификацијата е најдоброто решение за намалувањето на загадувањето.

„Во делот на анализата, направена е карта на хабитатите, опис и валоризација на флората и фауната, приказ на заштитените подрачја и на кој начин тие да се заштитат“, рече тој, и додаде дека студијата предвидува прецизни задолженија и министерството за животна средина постојано, во соработка со инспекторатот и со експертите извршува мониторинг на активностите и имплементацијата на овој важен стратешки проект.

Министерот Сугарески пак, истакна дека и институциите не го даваат Водно, кое е заедничко богатство и никој нема да дозволи загрозување на природата.

Тој истакна дека Владата има слух за загриженоста и пораките од граѓаните и граѓанските организации, и поради тие сугестии и понудените опции, направени се промени во проектната документација.

„Со новата траса значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно од 3000  на околу 1400 метри кубни. Исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и растителен свет. Со ова жртвуваме 0.07% од вкупната шума на Водно, за да ја зачуваме природата на 25713 квадратни километри, колку што е територијата на Република Македонија“, рече Сугарески.

Тој, во своето обраќање се осврна и на економските придобивки од гасификацијата, и нагласи дека паралелно со изградбата на магистралниот гасовод, се работи и на локалните дистрибутивни мрежи за побрзо доставување на природниот гас до домаќинствата и компаниите, што, како што рече тој, ќе донесе бенефит за секој граѓанин и за заштита на животната средина.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, на прес-конференцијата информираше за текот на реализацијата на гасоводната мрежа во трите делници кои се во тек на градба.

Што се однесува на потегот Водно, директорот Реџепи информираше дека по завршувањето на градежните активности теренот ќе се враќа во првобитна состојба, односно ќе се направи рекултивација на целата делница.

„МЕР веќе има платено на град Скопје 42,9 милиони денари за рекултивација и пошумување на Водно“, рече тој и додаде дека со направените измени во документацијата, се намалува штетното влијание на парк-шумата Водно за повеќе од 70%.

„Според пресметките на ЈП Паркови и зеленило, ќе бидат опфатени 1400 кубни метри дрво, што е далеку помалку од дневната потрошувачка на огревно дрво во Скопје“, појасни директорот Реџепи.

За барањето на невладините организации, трасата да се премести на потегот кон Скопска Црна Гора, тој информираше дека таквото решение е неизводливо од еколошки и економски аспект, затоа што тоа  ќе значи одложување на изградбата, а со тоа и пролонгирање на големото загадување за уште 5 години. Дополнително, ќе треба да се соочиме со финансиски реперкусии на штета на буџетот на граѓаните, од банките од каде се обезбедени средства за реализација на гасификацијата.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, на прес-конференцијата рече дека изградбата на гасоводната мрежа е за доброто на сите, и дека од тоа зависи и гасификацијата на сите градови во Македонија, но сепак Скопје не смее да биде жртва на тој процес.

Тој истакна дека во процесот на разговори за изведба на проектот, се одлучи дека Владата на Република Македонија ќе обезбеди средства за урбано зеленило во градот Скопје, како и за пошумување на Водно во висина од 43 милиони денари, средства од МЕР, како законска компензација на уништеното зеленило. Дополнително се планира пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора, со што директно ќе влијаеме и на спречување на поплавите и на подобрување на животната средина во Скопската котлина.

Тој исто така нагласи дека Владата обезбедила поддршка и за зелените коридори долж реките Лепенец и Серава, носење на закони за заштита на парк-шумата Водно и кањонот Матка во соработка со Министерството за животна средина, како и  приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасоводната мрежа во Скопје.

Тој истакна дека ова е првпат да биде обезбедена целосна ревитализација на зеленилото на Водно, кое, како што рече тој, никогаш до сега не било ниту заштитувано – ниту ревитализирано.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, воедно, на прес-конференцијата им се заблагодари на сите загрижени граѓани и активистите за заштита на Водно за нивната соработка со градот Скопје и со Владата на Република Македонија, со што се постигна оптимално решение за изградба на магистралниот гасовод Делница 5 Скопје -Тетово – Гостивар.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …