Влада на РМ: Договорот за концесија е склучен во 2015 со поранешната влада

Влада на РМ: Договорот за концесија е склучен во 2015 со поранешната влада

Реакција на Владата на РМ на прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ:

Во врска со прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, одржана на 24-ти октомври 2018 година, ја информираме јавноста, дека повторно, по кој знае кој пат, беа изнесени неточни информации односно невистини преку кои неуспешно се прави обид да се наруши угледот на Владата на Република Македонија, на Претседателот на Владата, Зоран Заев и Заменикот на Претседателот на Владата, Кочо Анѓушев.

ВМРО-ДПМНЕ делува изгубено, безидејно и надвор од сите етички и правни норми при што со огромна леснотија шири дезинформации, при тоа, претставувајќи формални административни процедури, кои се спроведуваат во согласност со законите кои важат во Република Македонија, како некаков ексклузивен материјал.

Би сакале  на јавноста да и ја презентираме вистинската слика. Претседателот на Владата Зоран Заев не му дал согласност на Д-р Кочо Анѓушев да гради нова мала хидроцентрала, Договорот за концесија врз основа на кој е добиен долготрајниот закуп за државното земјиште е потпишан во 2015 година, врз основа на тендерска постапка, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и кога Д-р Кочо Анѓушев не бил функционер.

Оттука, и посочуваме на ВМРО-ДПМНЕ дека пред да држат прес конференции на овие теми претходно да ги прочитаат законите и подзаконските акти врзани за темата, за да не излегуваат смешни кога спроведувањето на формалните законски процедури ги претставуваат како скандали. Уште еднаш ќе ги упатиме да се консултираат и со претседателот на партијата Христијан Мицковски, кој преку уделот во концесионерот МИНКА-ЕНЕРГОТЕК добил долготраен закуп од претходната Влада за неколку од изградените хидроцентрали и добро е запознаен со административните процедури во целата постапка на давање на концесија, изградба и ставање во функција на една мала хидроцентрала.

Меѓусебните обврски на Концесионерот (МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје) и Концедентот (Владата) се строго дефинирани во Договорот за концесија и договорните страни мора да постапуваат согласно превземените обврски од овој договор.

За среќа, изградбата на мали хидроцентрали во Македонија во последните 10 години е тема со која добро е запознаена и целокупната јавност и многу лесно може да се препознае провидната игра на ВМРО-ДПМНЕ преку ширење дезинформации.

За јавноста повторно ќе напоменеме да не потпаѓа под лажните обвинувања и скандали, дека станува збор за строго дефинирани права и обврски од Договорите за концесија, донесувањето на одлука за долготраен закуп на државно земјиште е право со кое се стекнува секој Концесионер, во случајот МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје, кој има потпишано Договор за концесија за вода за производство електрична енергија од мали хидроцентрали. Нема ништо незаконско во донесената Одлука а уште помалку пак некаков судир на интереси внатре во Владата на Република Македонија.

Но, судир на интереси е кога поранешниот Претседател на Владата Никола Груевски ќе даде согласност на својот советник за енергетика, сегашен претседател на ВМРО – ДПМНЕ-Христијан Мицковски, да изгради мали хидроцентрали преку компаниите во кој тој има удел. Ова меѓудругото не беше објавено транспарентно туку беше откриено неколку години подоцна.

За разлика од ваквиот начин на однесување, Заменикот на Претседателот на Владата д-р Кочо Анѓушев е одговорен функционер кој навреме го достави својот имотен лист во кој се наведени сите негови фирми, и при тоа јавно и транспарентно го презентираше пред целокупната јавност.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …