Влада на РМ: Почетна инвестиција од 4 милиони евра и 300 нови вработувања

Министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска во име на Владата на Република Македонија денеска потпиша Договор за државна помош со американската компанија ТЕЛАМОН, претставувана од директорот на претставништвото во Скопје, Том Пуза.

Министерката Апостолска информираше дека компанијата Теламон Корпорејшн од САД, која се занимава со производство на кабли и е присутна на американскиот пазар и пазарите во Мексико и Кина, планира почетна инвестиција во Македонија од четири милиони евра и 300 нови работни места, со проекција во Развојниот план да биде достигната вредност од околу 11 милиони евра и отворање на 600 нови работни места.

Посочувајќи дека предвидената поддршка е во делот на поврат по основ на инвестициски вложувања, вработувања со плати над 18.000 денари, извоз, корпоративен и персонален данок, министерката Апостолска подвлече дека инвестицијата која ќе биде во Инџиково, општина Гази Баба, е огромна придобивка која позитивно ќе влијае на Бруто домашниот производ (БДП), со оглед на тоа што ќе овозможи нови работни места, трансфер на стручни знаења и зголемена соработка со домашните компании.

Премиерот Заев, во своето обраќање, истакна дека Владата останува посветена на создавање на поволна деловна понуда и потенцираше дека во таа насока, поканата што ја доби Македонија за пристапни разговори за членство во НАТО, уште повеќе ја зацврстува сликата за Македонија како посакувана, стабилна бизнис дестинација.

„ Граѓаните ќе го поддржат членството на нашата земја во НАТО и ЕУ, бидејќи знаат дека придобивките се огромни и имаат една голема и посакувана цел – подобрување на квалитетот на живот за сите“, рече премиерот Заев.

Тој се осврна на важноста на новите инвестиции, кои  ќе отворат нови работни места, ќе придонесат за инвестирање во новото знаење и технологиите (know-how) и со реформите во образованието, ќе придонесат за создавање услови за зголемување на конкурентноста на домашната економија што значи зголемување на извозот и трговијата и побрз економски раст.

Премиерот Заев, заедно со вицепремиерот Анѓушев посакувајќи и успешна работа на компанијата ТЕЛАМОН, потенцираа дека позитивните резултати од реалните развојни економски политики на Владата се покажуваат и преку  фактот што постои голем интерес за нови странски и домашни директни инвестиции во Република Македонија.

„Ова е една од бројните странски инвестиции кои дојдоа во последните месеци во Република Македонија. Компанијата Теламон има над 2.000 вработени, функционира во повеќе држави во светот и има 784 милиони долари промет на годишно ниво, рече вицепремиерот Анѓушев, изразувајќи задоволство дека успешните компании ја препознаваат Македонија како место кое е добро за развој на нивниот бизнис и идни стратегии.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека компанијата е дојдена во земјата пред само шест месеци и за толку кусо време се направени подготовките. Тој повтори дека според статистичките податоци Владата на Република Македонија бележи значителни успеси.

„Првиот квартал во 2018 година, странските инвестиции бележат вредност од 235 милиони евра, што е повеќе од било кој квартал , тргнувајќи од 2007 година па наваму. Исто така, стапката на невработеност е намалена за 1,3 проценти или сега го има историскиот минимум од 21, 6 проценти. Извозот е зголемен за 14 проценти“, оцени Анѓушев, додавајќи дека сите бројки покажуваат дека Владата е на добар пат за раздвижување на економијата и дека со санирање на нискоградбата се очекуваат позитивни резултати на целокупната економска слика во државата.

Директорот на ТЕЛАМОН Европа ДООЕЛ Скопје, Том Пуза го изрази задоволството од соработката со Владата и потенцираше дека стратешкиот план на компанијата е остварување на долгорочна соработка, настојувајќи на сеопфатен пристап и позитивно влијание врз сите граѓани.

Директорот Пуза, потенцирајќи ги приоритетите на компанијата, објасни дека изборот за инвестирање во Македонија, менаџментот го направил чувствувајќи го топлиот пречек, но и покажувањето на интерес и отвореност за инвестиции во земјата, што влева оптимизам за остварување на сите актуелни и идни перспективи на компанијата.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …