Влада: Со проектот „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“ се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавање и управување со отпад

На синоќешната редовна 107 седница, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Предложените измени ќе го подобрат фискалниот капацитет и ќе ги зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, со цел поголема финансиска самостојност и стабилност на единиците на локалната самоуправа.

На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата ја разгледа и ја усвои информацијата и го прифати текстот на билатералниот договор помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за ко-финансирање на големиот инвестициски проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“.

Со проектот „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“ се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавање и управување со отпад и ќе се создадат услови за развивање на интегриран систем за управување со отпад во овие региони, како и во Општина Свети Николе.

Системот е во целосна согласност со ЕУ принципите и принципите на националното законодавство за животна средина и ги адресира сите елементи на управувањето со отпад, од спречување на создавање на отпад, негово собирање, па сѐ до отстранување на остатоците од отпадот.

Со проектот ќе бидат опфатени два региона: Североисточниот Регион (Општините: Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка) и Источниот Регион (Општините: Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци) и Општина Свети Николе.

На оваа своја седница Владата ја прифати Информацијата за потребата од склучување амандман на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави – САД со кој се предвидуваат дополнителни 540.000 УСД.

Со овој амандман, вкупната вредност на грантот за партнерство за развој се зголемува, односно ќе изнесува 8.798.792 УСД. Со Амандманот доделените средства од 540.000 УСД се распределени за постигнување на развојната цел за зајакната економска конкурентност и за мерките борба против корупцијата.

Освен за овие цели, грантот на САД, кој се реализира преку УСАИД, е наменет и за поддршка на продуктивноста, за проширена интеграција на земјата во евро-атлантските регионални пазари, за зајакнување на енергетската безбедност и сигурност, за програми за поголемо учество на младите во општеството и за зајакнување на нивните економски можности и социјални вредности, како и за зголемена отчетност на јавниот сектор и за зајакнување на културата на отчетност кај граѓаните.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …