Влада: Создадени се финансиски услови за изградба на новиот Клинички центар, побарувањата на државата од „Еурокомпозит“ претворени во траен влог

Создадени се првите конкретни услови, преку обезбедување финансиски средства, за изградбата на новиот Универзитетски Клинички центар во скопската општина Ѓорче Петров.

Ова е една од одлуките донесени на вчерашната 148 седница на Владата на Република Северна Македонија.

Владата ја усвои Информацијата за начинот на финансирањето на изградбата на Универзитетски Клинички Центар на greenfield локација во Скопје, како и Информацијата за започнување на реализацијатана новиот Универзитетски Клинички центар. Задолжено е Министерството за финансии, во соработка со Министерството за здравство да отпочне преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA. На седницата е констатирано дека е завршена фазата на утврдување најповолна понуда на кредит, а тоа што станува збор за познати светски банки, само ја потврдува довербата на странските кредитори кон нашата држава. На седницата е задолжено Министерството за здравство, како договорен орган, да ја спроведе постапката за јавната набавка за изградба. За потребите и реализација на новиот Универзитетски Клинички центар, Владата донесе одлука, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, да даде рок од 30 дена, во коишто тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата. На владината седница е констатирано, дека доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен темелникот на новиот Универзитетски Клинички центар во Скопје, којшто треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава.

Владата ја усвои Предлог – уредбата за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи, со што, како што е објаснето од Министерството за здравство, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации коишто можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет. Целта е надминување на проблемот со недостигот на лекови, поради можноста што ќе им се даде на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор. Исто така, целта е да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, коишто ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно.

Владата ја усвои и Предлог програмата за изменување и дополнување на Програмата за потребите на специјалистички и субспецијалистички кадри, согласно мрежата на здравствени установи, со што се зголемува бројот на одобрени специјализации во државата.

На вчерашната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за извршени контроли за квалитетот на детските играчки, што се продаваат на територијата на нашата држава, а којашто се однесува на првиот квартал од 2019 година. Задолжено е Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат да продолжи да доставува до Владата информации за извршените контроли за квалитетот на детските играчки, како и Инспекторатот да спроведе вонредна масовна контрола за квалитетот на играчки коишто се продаваат на територијата на нашата држава.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изградба и опремување детска градинка во општина Илинден. Со оглед дека се потребни средства за доизградба на градинката, задолжено е Министерството за труд и социјална политика, во Буџетот за 2020 година да предвиди финансиски средства во износ од 6.082.003,00 денари за машински инсталации и набавка, испорака и монтажа на опрема за градинката, со што ќе се овозможи нејзина функционалност за потребите на децата во општината.

На седницата беше разгледана и Информацијата за финансиска поддршка и финансиски средства за санирање штети на училишни згради во Oпштина Ресен, причинети од невремето на 10 јули оваа година, при што е задолжено Министерството за образование да направи санирање и обештетување на штетите на училишните објекти поради невремето, од средства од сопствени програми.

На владината седница беше усвоен и предлог законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштвото за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит“ АД Прилеп.

Владата ја донесе и Предлог – програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, во којашто се предвидени мерки за поддршка на земјоделството и за обештетувања. Станува збор за поддршка на доходот за земјоделските стопанства, директни плаќања за растително и за сточарско производство, како и за државна помош на земјоделството за премии и осигурување, за заштита на земјоделско земјиште, за помош во сточарскиот сектор, за финансиска поддршка за складирање пченица од домашно производство од род од 2019 година, за помош за поддршка на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација, дополнителна помош за продадено-неисплатено винско грозје во период од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, заостанати обврски по мерки од програмите за финансиска поддршка на земјоделството од 2009 – 2018 година.

Донесена е и Предлог програма за капитални субвенции за центри за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во МВР. Се задолжува МВР, најдоцна до 20.08.2019 година да формира работна група со задача да изготви Предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот и најдоцна до 01.10.2019 година да го достави до Владата на Република Северна Македонија. Во Информацијата од МВР наведено е дека процесот на проверка (ветинг) во Полицијата, во развиените земји претставува составен дел од етиката и професионалните стандарди на полициските сили и е дел од заштитните безбедносни политики. Заради креирањето праведна институција, со високи стандарди на интегритет, зголемување на професионалноста на вработените, зајакнување на борбата против криминалот и корупцијата, обезбедувајќи чесни, кредибилни и посветени полициски службеници, како што е констатирано, неопходно е МВР да пристапи кон подготовка на нацрт-текст на посебен закон, во којшто ќе се дефинираат сите потребни елементи за ефикасно спроведување на процесот на проверка, односно оценување на вработените во Министерството. Во меѓуресорската работна група предвидено е да учествуваат вработени во Министерството, претставници од стручната јавност, претставници од Мисијата на ОБСЕ во земјава, претставници од невладиниот сектор, со задача да спроведе сеопфатна анализа за тековната состојба, да утврди конкретен модел за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во МВР врз основа на компаративни искуства и да изготви предлог закон, заедно со акциски план околу процесот.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …