На денешната седница, Владата донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Со одлуката се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците, кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.
Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.
Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка, во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.
Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70 проценти од своето производство на свежи јајца од кокошка, да го стават во промет на домашниот пазар.
Највисоките цени на наведените производи во одлуката и обврските на посочените трговци, ќе се применуваат до 30 април 2023 година.