Пишува: Зоран Милошески

После бурните реакции на јавноста за намерата на Владата да воведе електронско пријавување на приходите и за пензионерите, но и за лицата кои немаат друг приход освен плата, со свои реакции се огласија премиерот Зоран Заев и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Премиерот Заев рече дека Владата ја разгледува опцијата за изземање на пензионерите и вработените кои немаат други приходи, од обврската да се регистрираат во електронскиот систем на УЈП, а податоците за нив да бидат земени од постојниот систем. Тој напомена дека со експерти од ЕУ се водат преговори околу даночната реформа и дека во моментов УЈП не може да ги преземе податоците за сите граѓани и да ги вметне во новиот систем.

„Тоа што го имаме го користиме, што немаме додаваме. Ја разгледуваме варијантата за пензионерите и примателите на плата да се искористат постојните податоци. Имаме експертска помош од Делегацијата на ЕУ и ако е тоа возможно, ќе го соопштиме“, изјави Заев.

За време на неодамнешната посета на Прилеп, на истата тема зборуваше и директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Лукаревска истакна дека УЈП работи на изнаоѓање решенија кои ќе бидат од интерес на граѓаните и кои на граѓаните нема да им ја усложнат работата, туку ќе им ја олеснат.

Ние секогаш работиме во интерес на потребите на граѓаните. Нашата цел е да ја олесниме, а не да ја усложниме работата. Во моментов работиме на изнаоѓање на олеснителни околности со кои ќе им помогнеме и на пензионерите и на сите други физички лица. Имаме направено соодветен акционен план како сето ова ќе се одвива. Достапни сме, транспарентни, за тоа ќе поразговараме и со градоначалниците, како ќе можат тие да помогнат со регистрирањето на физичките лица. Нема да дозволиме некој да се почувствува дека регистрирањето му претставува голема обврска. Постојат уште многу други начини за решавање на ова прашање, за кои јавноста ќе биде навремено информирана“, потенцираше Лукаревска.

Заклучно со минатата година, обврската за пријавување на данок ја имаа околу 500.000 граѓани, а со новиот предлог, таа бројка двојно ќе се зголеми. Од УЈП и претходно потенцираа, дека граѓаните кои нема да успеат навремено да се регистрираат, нема да бидат веднаш казнувани, туку УЈП ќе активира мобилни шалтери кои на граѓаните ќе им помагаат во спроведување на процедурата.