Владата ја стопира ХЕЦ Жировница 3

Владата ја стопира ХЕЦ Жировница 3

Владата ја поништи постапката за доделување на концесија за хидроцентралата Жировница 3 во Националниот парк Маврово. Ова е една од трите концесии, кои Владата вчера одлучи да не ги додели, додека на истата седница додели дури 18 концесии за изградба на други мали хидроцентрали во земјата.

Овој потег на Владата следува откако во јануари годинава Министерството за животна средина објави нов повик за прибирање на понуди за доделување на концесија за хидроцентрали. Жировница 3 требаше да биде трета во низата на планирани хидроцентрали на малата Жировничка река, која е во рамките на Националниот парк Маврово.

– „Фронт 21/42“ на 25 јануари поднесе барање за поништување на јавниот повик за изземање на ХЕЦ Жировница од повикот поради прекршување на националното и меѓународното право и колизија со заштитеното подрачје Национален парк „Маврово“ – вели Александра Бујаровска од Фронт 21/42.

Владата ја стопира ХЕЦ Жировница 3

Таа потсетува дека од мај 2015 година „Фронт 21/42“ води правна битка против други две мали хидроцентрали односно МХЕЦ Жировница бр.5 и МХЕЦ Жировница бр.6, каде инвеститор е конзорциумот составен од „Фероинвест“ и „Хидроген груп“. Правната битка се води поради евидентирани пропусти и прекршувања во елаборатите за животна средина, дозволите на водно право и градежните дозволи. Пропуст е евидентиран и во концесиските договори кои требаше да бидат раскинати поради неисполнување на суштинска обврска – инвеститорот да го заврши проектот и да произведува електрична енергија во рок од 3 години од потпишување на договорот. И покрај прекршувањето на овој суштествен услов од договорот Владата во 2018 година одлучи да потпише анекс на договорите со кои го продолжи рокот за реализација на проектите до јануари 2020 година.

– Нема да доволиме изградба на хидроцентралите во Жировница и ако е потребно и со жив ѕид ќе ја браниме водата – ова е ставот на мештаните на долнореканското село Жировница по најавите дека инвеститорот, „Хидроген Енерџи Груп“, пролетва сепак ќе почне изградбата на двете мали хидроцентрали на Жировничка река, Жировница 5 и 6, кои треба да бидат лоцирани над каптажите за вода од кои се снабдува селото со околу 1500 жители.

Владата ја стопира ХЕЦ Жировница 3

Проблемот да биде уште поголем, локациите на двете хидроцентрали се наоѓаат во зона на строга заштита во рамките на Националниот парк Маврово, чијшто дел е и живописниот жировнички предел.

– Во моментов е запрен процесот на изградба на објектите по интервенција на Државниот инспекторат за животна средина поради непочитување на котите наведени во анексот на концесискиот договор – вели Анес Ахмети, претседател на жировничката месна заедница.

Тој појаснува дека се работело за големи непрецизности во документацијата со која располага инвеститорот и фактичката состојба на терен. Но, додава Ахмети, дури и да се поправат грешките, месното население нема да прифати продолжување на изградба на хидроцентралите, бидејќи, вели, никој не може да ни гарантира дека, откако ќе бидат зафатени водите на Жировничка река, селото ќе има доволно вода за пиење.

Жителите на овој крај се загрижени и поради тоа што градежните работи поврзани со изградбата на двете хидроцентрали ќе направат големо и ненадоместливо нарушување на природниот амбиент на овој дел од Националниот парк Маврово.

– Имаме прекрасна и чиста природа и бистри реки, не сакаме да ни се уништат – вели Даут Јашари, жител на Жировница.

Министерството за животна средина и просторно планирање, во чија надлежност е издавањето на концесии за малите хидроцентрали, тврди дека пред започнување со постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија, утврдува дали локациите на кои се планира изградба на мали хидроелектрични централи се во заштитено подрачја и во која зона на заштита се наоѓаат.

– Во согласност со националното законодавство и меѓународните конвенции, доделување на концесии и изградбата на мали хидроелектрични централи ќе се врши на подрачја каде тоа е дозволено, односно зони на одржливо користење – вели Мелита Гочевска, од Секторот за води при МЖСПП.

„Мета“ побара објаснување од сопственикот на „Хидроген Енерџи Груп“, Предраг Чемерикиќ, но до објавувањето на овој напис, од него не добивме никаков одговор.

Според Бујаровска од „Фронт 21/42“, проблемот лежи во тоа што, иако најстар, кај Националниот парк Маврово не е завршен процесот на репрогласување на НП Маврово и токму неутврденото зонирање на паркот, со кое прецизно би се утврдило каде смее, а каде не смее да има градежни зафати, како и контрадикторните законски одредби во постојниот Закон за заштита на природата се користат како оправдување за инфраструктурни проекти наменети за искористување на природните потенцијали кои потенцијално ќе ги загрозат заштитените предели, а со тоа и живеалиштата на животинскиот и растителниот свет во НП Маврово.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …