Бугарската конзервативна влада денеска го преживеа гласањето за недоверба, што беше побарано од опозициските социјалисти, кои го обвинуваат кабинетот на премиерот Бојко Борисов за неспособност да ја искорени ендемската корупција и поврзаноста со олигарсите и мафијата. Иако илјадници Бугари протестираат во Софија против владата на Борисов речиси две недели, сепак, предлогот за изгласување недоверба го отфрлија 124 од 237 пратеници во парламентот, 102 пратеници гласаа „за“, додека 11 беа воздржани. Според агенцијата БГНЕС, владејачкото мнозинство на ГЕРБ и Обединети патриоти лесно успеле да го соберат потребниот минимум од 121 пратеник за зачувување на интегритетот на кабинетот, пишува МЕТА.
Агенцијата БГНЕС објави дека опозицијата не успеала да го добие потребниот број гласови за да биде успешно уште едно гласање за недоверба на кабинетот на Борисов. За недоверба гласаа само пратениците од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и нивните колеги од Движење за права и слободи (ДПС) кои добија 102 гласови. Согласно правилникот, гласање за недоверба на истата тема, корупција, не може да се одржи во наредните шест месеци.
На дебатата вчера не присуствуваше премиерот Борисов, кој беше во Брисел на Самитот на европските лидери, како и двајцата од тројца министри чии оставки ги имаше побарано премиерот, заедно со реконструкција на владата.
Двете вонредни седници на Националното собрание се одвиваа наспроти постојаните антивладини протести кои траат речиси две недели и на кои илјадници граѓани бараат оставка на целиот кабинет на Борисов.
„На сите оние кои бараат моја оставка им оставам 29 милијарди евра за наредниот период. Тоа е околу 60 милиони бугарски лева. Иако ќе звучи нескромно, во Брисел сите ми заблагодаруваа на помошта што им ја дадов околу преговорите. Бугарија ќе биде меѓу ретките држави која ќе добие скоро милијарда евра повеќе отколку што доби во рамки на тековниот буџет. Затоа и заслужувам да поднесам оставка“, саркастично коментираше на фејсбук Борисов, рано утрово, по завршувањето на самитот во Брисел.
Лидерите на ЕУ 27 рано утрово договорија повеќегодишен заеднички буџет за заздравување од вкупно 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамки на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година.