Владата на прво, Собранието на трето место во регионот според Индексот на отвореност

Владата на прво, Собранието на трето место во регионот според Индексот на отвореност

Според годинашниот Индекс на отвореност, со кој се оценуваа четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, односно нивните влади и парламенти, Владата на Северна Македонија е на првото место, а Собранието на трето место.

Проценката на состојбата на добро владеење на парламентите и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, која традиционално ја спроведува Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на Граѓанската организација Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE), со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија, оваа година покрај земјите од Западен Балкан ги следела и парламентите на Хрватска и Словенија, коишто се членки на ЕУ.

Целта на проценката според Индексот на отвореност е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот.

Според истражувањето, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 83,43 отсто од поставените критериуми за отвореност, по која следи Советот на министри на БиХ (владата) со 74,9 отсто. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46 отсто, потоа Советот на ФБиХ (владата на хрватско-босанскиот ентитет на БиХ)  со 58,42 отсто. Владата на Република Србија исполнува 47,67 отсто од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18 отсто. На последно место е Владата на Република Српска (српскиот ентитет во Бих) со 38,53 отсто исполнување на критериумите за отвореност.

Како прва земја во регионот што објави и имплементира Стратегија за транспарентност, Северна Македонија даде пример како институцијата треба систематски да пристапува и да ги насочува своите напори кон проактивна транспарентност и отвореност кон своите граѓани. Најдобри резултати постигнуваат министерствата во Северна Македонија со 62 отсто, потоа министерствата на Црна Гора со 57,9 отсто, министерствата во Србија со 48,7 отсто и министерствата во Босна и Херцеговина кои исполнуваат 30,6 отст од критериумите за отвореност, посочува Индексот на отвореност.

Собранието на Република Северна Македонија исполнува 68,1 отсто% од индикаторите за отвореност и е рангиранo на трето место во регионот (на прво место останува Собранието на Црна Гора со 77,89 отсто, по кое следи Собранието на Словенија со 72,31 отсто исполнетост на индикаторите за отвореност).

Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како извршната власт и Собранието во Северна Македонија можат да го подобрат нивното почитување на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници во сите набљудувани институции преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани. Истражувањето се повторува на годишно ниво и ни овозможува да го споредиме степенот до кој ќе се постапува според овие препораки. Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб-страницата на Метаморфозис https://metamorphosis.org.mk/izdanija_arhiva/

Ова истражување се спроведе како дел од активностите на Метаморфозис во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. За повеќе информации за работата на Метаморфозис посетете ја нашата веб-страница и веб- страницата на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Прочитајте повеќе

Есенската кошница заврши - се чекаат новогодишните мерки

Есенската кошница заврши – се чекаат новогодишните мерки

Повеќе од 70 основни прехранбени производи од денеска, први ноември, ќе добијат нови цени откако …