На денешната, 98 седница на Владата на Република Македонија, меѓу останатото, на предлог на Министерството за надворешни работи, министрите ќе ја разгледаат информација за Акцискиот план за Регионална економска област и за формирање на Координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан, со предлог–одлука и предлог–решение за планот.
Министерството за економија пред министрите ќе го презентира извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот за економска соработка помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, а Министерството за здравство ќе информира за извршените преговори за склучување на План за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија.
Како предлог на Министерството за труд и социјална политика, на денешната седница ќе се разгледа и информацијата за можноста за вршење на периодични здравствени прегледи од страна на здравствени работници ангажирани од Министерство за здравство на корисниците во Дневните центри за деца и лица со пречки во развојот.
На денешната седница на Владата на РМ, по предлог на Министерството за образование и наука, ќе се разгледа новиот Предлог-закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, а Министерството за култура ќе ја презентира информацијата за потребата од основање на нова национална установа „Гостиварски театар“ – Гостивар.
На денешната седница, како материјал за информирање, ќе биде разгледан и полугодишниот извештај за работа на Агенцијата за филм на Република Македонија.
На оваа 98 седница на Владата на РМ, на дневниот ред се најавени и повеќе други точки од Програмата за работа на владата, и од интерес на граѓаните.