Согласно одлуката објавена во службен весник, а којашто неодамна ја донесе Владата на Република Македонија, започнува процесот на склучување договор за Јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.

Целта на овој модел на Јавно приватно партнерство е да се унапреди системот за стерилизација во областа на хирургијата, како и да се намали ризикот од пост-оперативни инфекции.

Согласно предложениот модел на Јавно приватно партнерство, опфатен е период од 15 оперативни години. Вредноста на инвестицијата е околу 16 милиони евра, а приватниот партнер ќе биде должен да ги вложи овие средства во период од 2 години, односно околу 35% или 5,8 милиони евра во текот на првата година и останатите 65% или 10,3 милиони евра во втората година од работењето.

Моделот на Јавно приватно партнерство предвидува избраниот приватен партнер да биде одговорен за финансирање на моделот во четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација на територијата на државата, финансирање на изведба за реновирање/адаптирање на објектите во постојните центри за стерилизација (4 коишто ќе бидат одбрани како најсоодветни), понатаму целосно опремување на регионалните центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обезбедување на персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти, нивно редовно одржување и обновување во консултација со докторите хирурзи, обезбедување стерилизиран медицински материјал (облека и опрема), третман на медицинскиот и техничкиот отпад од хируршките сали, како и целосно менаџирање и управување со интегрираните услуги за стерилизација согласно прифатени стандарди и протоколи.

Од друга страна јавниот партнер, односно државата како дел од Јавното приватно партнерство ќе има обврска да обезбеди локации со објекти за четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, да ја врши контролата врз обврските преземени од страна на Приватниот партнер, како и контролата и мониторингот над извршувањето на работите, и да го изврши плаќањето за извршената јавна услуга.

По истекот на предвидените 15 години, според моделот, приватниот партнер во целост на Јавниот партнер ќе ја предаде развиената инфраструктура, вклучително и целосно опремените четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обновени хируршки сали, нови хируршки инструменти, санитетски возила и софтверскиот ИТ систем.

Ваквата одлука на Министерството за здравство и Владата на Република Македонија е резултат на физибилити студија, којашто беше изработена во декември минатата година.

Процесот на избор на Јавен приватен партнер ќе се одвива транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки. Како прв чекор, министерството за здравство ќе организира стручна дебата за докторите хирурзи, како и со целокупниот медицински персонал којшто ги извршува хируршките интервенции.

Моделот на Јавно приватно партнерство ќе овозможи долгорочно унапредување на реализацијата на хируршките интервенции. Дополнително, ќе придонесе за поголем развој на здравствениот систем во целина, нови вработувања и редовни обуки и доквалификации за медицинскиот кадар.