Уредувањето на комуналната инфраструктура во населбата „Три багреми“, беше дел од изборната програма на прилепскиот градоначалник Јованоски. Станува збор за дел од урбаната единица „Тризла 2“, каде што во субстандардни услови, без вода и канализација, живее ромско население.

Зоран Милошески

Општина Прилеп категорично ги отфрла обвинувањата изнесени од страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, дека градоначалникот Илија Јованоски нема намера да реализира ниту еден од проектите ветени во изборната кампања, особено не ветувањата што се однесуваат на решавање на проблемите во населбата „Три багреми“, каде што живее население од ромската етничка заедница. Имено, од прилепската локална самоуправа информираат дека на наменската сметка која Општина Прилеп ја отвори за трансферирање на средства од буџетот на Владата на РМ, веќе легнале 2,5 милиони денари.

Владата, на 43. седница одржана на 19.12.2017 година донесе одлука со која го задолжи Министерството за транспорт и врски од Потпрограмата за поддршка на имплементација на декадата и стратегијата на Ромите, на Општина Прилеп да ѝ бидат префрлени 2,5 милиони денари. Средствата се наменети за имплементирање на проекти од сферата на комуналната инфраструктура во прилепската населба „Три багреми“.

Уредувањето на комуналната инфраструктура во населбата „Три багреми“, беше дел од изборната програма на прилепскиот градоначалник Јованоски. Станува збор за дел од урбаната единица „Тризла 2“, каде што во субстандардни услови, без вода и канализација, живее ромско население. Освен тоа, неуреденото и незаштитено корито на Дабничка Река, која минува низ населбата, претставува отворена опасност по здравјето и на локалното население. Оттаму, изградба на водоводна и канализациска мрежа, пристапен пат, како и поставување на трафостаница која ќе обезбеди струја со постојан напон, беа ветувањата кои градоначалникот Јованоски им ги даде на жителите од оваа населба.

Истовремено, истите приоритети како точки на потенцијално подобрување ги утврдиле истражувањата и анкетите кои со жителите на „Три багреми“ минатата година ги вршеле невладините организации. Ист резултат дадоа и средбите кои со локалното население, во рамките на Граѓанскиот парламент, ги имаше прилепскиот градоначалник. Како потврда на констатираното, беше средбата која градоначалникот Јованоски во ноември ја оствари со тогашниот министер за имплементација на националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, сегашен пратеник во Собранието, Самка Ибраимоски.

Во таа прилика, екс-министерот Ибраимоски изјави дека Владата работела на решавање на проблемите во поголемите градови во кои живее ромското население. Од причина што Прилеп е втор по големина таков град, Ибраимоски најави дека 2018 ќе биде година во која ќе се работи на подобрување на условите за живот на Ромите во Прилеп.

– Фокусирани сме на решавање на проблемите во поголемите градови во кои живее ромското население, а Прилеп е втор по големина таков град. Заедно со прилепската локална власт, со градоначалникот и со општинскиот совет, следната година ќе ревидираме дел од акциските планови со цел да го работиме она што е од интерес и што е потреба на граѓаните. Сигурен сум дека сето тоа ќе придонесе за подобрување на условите за живот на Ромите во Прилеп – изјави тогаш Ибраимоски.

Објавено во „Слободен печат“