Прес-конференција на Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ – Прилеп
Изјавата на надлежните од прилепската болница дека довчерашните 120 вработени со Договор на дело останале без работа бидејќи државата не дала согласност за нови вработувања, е лага и тешка манипулација со јавноста.
Имено, пред точно една година, на 13.02.2024 година, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими испратил Известување до Фондот за здравствено осигурување, дека во буџетот на Општата болница со проширена дејност – Прилеп, за тековната фискална 2024 година обезбедени се финансиски средства за вработување на 79 лица!
Конкретно, на барање на тогашното раководство на прилепската болница, Министерството за финансии во Владата на СДСМ дало согласност за вработување во болницата на 8 доктори, 35 медицински сестри, 25 болничари, 4 дипломирани физиотерапевти, тројца возачи, медицинска сестра со ВСС, дипломиран оптометрист, фармацевт и лаборант.
После промената на власта, новиот министер за здравство Арбен Таравари рече:
„До крајот на оваа година ќе биде објавен конкурс во кој што ќе бидат примени на работа над 1.000 лица средномедицински персонал. Тука не подразбирам само медицински сестри, туку и болничари, лаборанти, тие што беа со договор на дело. Но, и тоа повторно е малку и ќе имаме потреба за уште“.
Наместо исполнување на ветеното, на првата седница одржана на 28 јуни, Владата на Мицкоски усвои заклучоци со кои ги задолжи работодавачите од јавниот сектор и трговските друштва во државна сопственост ДА ГИ ЗАПРАТ И ДА НЕ ГИ СПРОВЕДУВААТ ПОСТАПКИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ, распишани врз основа на издадени позитивни известувања од Министерството за финансии во периодот до 14.02.2024 година!
Господа од ДПМНЕ и ЗНАМ, зошто ги излажавте вработените со Договор на дело во Општата болница со проширена дејност – Прилеп?
Зошто не им дадовте Решенија на 79 лица за кои Владата на СДСМ обезбеди финансиски средства за вработување на неопределено време? Зошто си играте со човечки судбини?
Господине министер за здравство, Арбен Таравари, зошто не го одржавте ветувањето и не распишавте конкурс за вработување на над 1.000 лица средномедицински персонал?
Почитувани членови на Владата, ова се прашањата чии одговори им ги должите и на оние 120 луѓе од Прилеп кои ги оставивте без леб, но и на целата македонска јавност.