Владина делегација на студиска посета во Лондон за размена на искуства за работењето на институциите

Процесите и практиките за планирање и воспоставување клучни индикатори за успешност во секторските институции, отчетноста во институции од ист сектор во однос на исполнување на заеднички секторски цели и воспоставување критериуми за селекција и мерење на учинок на високото раководство, беа главните теми на студиската посета во Лондон, Велика Британија на којашто учествуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и државната секретарка на СЕП, Калинка Габер.

Студиската посета на којашто се разменуваа искуства на теми поврзани со работењето на институциите беше искористена за средба со претседавачот на Групата за пријателство со Северна Македонија, Мартин Викерс, како и за посета на Министерство за труд и пензии и Комисијата за државна служба.

Министерката за труд и социјална политика на посетата говореше за реформските процеси што МТСП ги спроведува со поддршка од Британската Амбасада во Скопје, а се однесуваат на програмата за социоемоционален развој во градинките и на реформите во социјалната и детската заштита.

„Интензивно работиме на јакнење на капацитетите на градинките, но истовремено и на јакнење на професионалните компетенции на воспитувачите и враќање на достоинството на оваа професија. Раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на детето и затоа сметаме дека со предучилишните деца треба да работат креативен и инспиративен кадар“, рече Царовска.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, ги презентираше достигнувањата и целокупната работа во однос на реформите во јавната администрација, како и активностите во рамки на програмата поддржана од Британската Амбасада во Скопје.

„Важен дел од реформата во јавната администрација која ја спроведуваме, се промените во системот на отчетност, професионализацијата на администрацијата и високата раководна служба. Посетата на Комисијата за државна служба беше одлична можност да се слушнат британските искуства на темата, а имавме навистина интересна дискусија во однос на воспоставување на системот на избор на високата раководна служба. Сметам дека сме на вистинскиот пат во однос на реформите, но мора да им дадеме време да ги дадат очекуваните резултати“, рече Бајдевски.

Државната секретарка во СЕП, Калинка Габер се заблагодари за поддршката на Британската Влада во процесите кон НАТО и ЕУ.

„Детално ги информирав британските претставници за достигнувањата на Република Северна Македонија во исполнувањето на реформската агенда во пресрет на очекуваниот почеток на преговори за членство во ЕУ“, рече Габер.

Посетата беше организирана од Институтот за јавна администрација (Public Administration International) во Лондон во рамките на проектот „Носење промена – ефективност и добро управување во јавната администрација“, имплементиран од Центарот за управување со промени, чиј краен корисник е Министерството за информатичко општество и администрација, а е финансиран од Британската амбасада во Скопје. Целта на посетата е да се стекне практично знаење и да се разменат искуства со Велика Британија во врска со функционирањето на јавната администрација.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …