Владина делегација предводена од Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, а во чиј состав беа и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Дескоска, со положување свежо цвеќе пред споменикот на Ослободителите на Скопје, им оддадоа почит на загинатите борци во НОВ 1941-1945 година, зеде учество во одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание.
Пред споменикот на борците кои паднаа во битката за ослободување на Скопје, исто така се поклонија и делегации на Сојузот на борците, на Собранието на РМ, претставници од кабинетот на Претседателот на Република Македонија, делегација на АРМ, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата, локалните заедници и здруженија на граѓани.
Честитајќи им го Денот на македонското востание – 11 Октомври, Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека денешниот ден ја симболизира нашата исконска желба за слобода и правда, за држава која ќе стои зад тие вредности и за иднина која ќе ни ги гарантира.
Министерката Шекеринска посочи дека пред 77 години кога нашата земја, регионот, но и цела Европа ги доживувале своите најтешки денови и биле осудени на насилство, окупација, жртви и безнадежност, биле втемелени македонските национални интереси и стратешката ориентација на нацијата. А за тоа, како што рече Шекеринска, се заслужни сите кои го дале животот, но и живите сведоци на борбата за слобода.
„Тие херои и денес не потсетуваат: слободата не е подарок туку привилегија. Бремето на секој вистински лидер на оваа земја и на сите други земји е да ја чува и негува, да не бега од проблемите, туку да ги решава, да не мисли за себе, туку за својата земја и да ја однесе барем чекор понапред од таму каде што ја наследил“, додаде Шекеринска.
Одговорот на современите предизвици како што истакна министерката Шекеринска, е стратешката определба утврдена уште од независноста на Република Македонија, а тоа е Македонија членка на НАТО и на ЕУ, изградена врз темелите на демократијата, слободата и еднаквоста.
„Остануваме Македонки и Македонци, кои својот македонски јазик ќе успеат да го направат официјален јазик на Европската унија. Нашите граѓани заслужуваат признаен, потврден идентитет и посилна меѓународна позиција. Како што заслужуваат и европска, правна, праведна држава пред која секој граѓанин ќе биде еднаков, држава која ќе создава можности за своите деца и млади. Токму затоа, сега е моментот сите пратеници да го потврдат патот на Македонија во НАТО и ЕУ. Сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, имаат историска должност и обврска да ги преведат своите зборови во дела и да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет“, заклучи министерката Шекеринска.
На 11 октомври 1941-вата година, како што истакна претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борци и учесник во НОВ, Никола Стојановски, започна единственото победоносно востание на нашиот народ, а по 4 годишната борба стигнавме до првата слободна македонска асномска, држава, која што е темел на денешната самостојна и суверена Република Македонија.
„Денешното поставување на темелните вредности на нашата народна ослободителна борба во која се втемелени животите над 24 илјади борци и на вредностите и придонесите на асномска Македонија не се само повикување на траен пиетет кон тие вредности, туку пред се потреба на нова храброст, на нова смелост за изградба на сврзните ткива на нашиот народ што во овие кризни состојби ќе го поведат по светлите патишта на слободата, единството, смелоста и придонесот на секого за отворање на нови перспективи на развојот на државата врз високите европски и светски вредности со наш влог и иднина во обединетиот европски соживот. Тоа е пресудна задача за сите нас за сегашните и идните генерации. Потреба да се надминат претходните темелници на државата, за да ни бидат рамни сегашните и идните“, рече меѓу другото д-р Никола Стојановски.
Денот на македонското востание денеска се одбележа и во Прилеп. На чествувањето на празникот на Народното востание – 11 Октомври, учествуваше владина делегација, предводена од вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, а во чиј состав беа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и заменик министерот за економија Кире Наумов.
Владината делегација положи свежо цвеќе пред спомениците на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на народниот херој Кузман Јосифоски Питу, како и во “Паркот на Револуцијата, пред споменикот “Могила на непобедените”, а притоа се поклонија пред “Алејата на народните херои” и на споменикот “Жена борец”.
На свеченото одбележување на празникот во Прилеп, вицепремиерот Анѓушев истакна дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и дека верува дека повторно ќе го избере вистинскиот пат, а тоа е членството во ЕУ и НАТО, вистинскиот правец за просперитет и развој на Република Македонија.
„Ако 11-ти октомври 1941 година беше ден на кој се покажа непокорот на македонскиот народ и симбол на борбата против фашизмот, денес сме исправени пред нов предизвик, а тоа е членството во ЕУ и НАТО, што значи просперитет и стабилност на македонската држава”, нагласи вицепремиерот Анѓушев.