Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче денеска присуствуваа на предавање донација на неинвазивни респиратори и т.н. оксигенатори наменети за инфективните одделенија во болниците во државата.

Вкупната донација од 85 неинвазивни респиратори и 25 кислородни концентратори, наменети за поддршка на дишењето се донација од четири домашни компании: ,,Мега Куманово „Голден Арт“, „Акустик“ ДОО и „Греемак“ и се употребуваат за третман на пациенти во критична состојба.

„Ако во нормални услови, се создаваат услови да се гради бизнис во една држава, во време на криза се покажа дека е време кога треба да дадете нешто од себе да помогнете на сите, да помогнете на здравствениот систем. Едноставно се покажа дека сите заедно треба да ја споделиме таа грижа, тоа е предизвикот кој стои пред нас и со ова што го направија овие компании, покажаа добар пример за тоа, како треба да се однесуваме сите, и институциите и државата и приватниот сектор“, рече премиерот Спасовски.

Спасовски истакна дека кризата со коронавирусот КОВИД-19 нѐ потсети дека најважното нешто е пожртвуваноста и посветеноста, како што тоа го прават лекарите, медицинскиот и помошниот персонал, без да прават разлика меѓу луѓето, но и солидарноста, како што ја покажуваат компаниите и граѓаните и заклучи дека сето тоа придонесува заеднички полесно да се помине овој период.

„Токму со оваа посветеност, се покажа дека институциите на системот функционираат беспрекорно во овој период, дека можеме да се преструктуираме во рамките на администрацијата, во рамките на здравствениот систем и да покажеме дека ако сакаме можеме и тоа многу подобро и повеќе од тоа што сме го правеле во претходниот период“, додаде премиерот.

Премиерот Спасовски ја искористи приликата да се заблагодари на целиот медицински и помошен персонал, на медиумите и медиумските работници, припадниците на полицијата, пожарникарите, одбраната и сите оние кои на свој начин се вклучија и како што рече, беа во првата борбена линија при справување со коронавирусот, а остануваат посветени и понатаму во борбата која продолжува.

„Затоа, упатувам повторно апел, до секој граѓанин на државата, ако сакаме да успееме, да победиме, ако сакаме да помогнеме на лекарите, на медицинскиот персонал, тогаш да се придржуваме до мерките за физичка дистанца, за носењето на заштитна опрема, и на тој начин да си го скратиме периодот во којшто ќе работиме и ќе живееме во некакви вонредни услови и да направиме се да се вратиме на нормален начин на работење и живеење“, рече Спасовски.

Вицепремиерот Османи во своето обраќање истакна дека Инфективната клиника несомнено претставува најистурената точка за борба против коронавирусот и со одвојувањето средства од страна на домашните компании се помага на здравствениот систем на земјата и се зајакнува заедничкиот, колективен капацитет во справувањето со епидемијата.

„Затоа сметам дека приватните компании овде присутни, навистина правилно ја таргетирале својата поддршка, донирајќи опрема таму каде што е најпотребно, онаму каде се спасуваат животи, инвестирајќи со тоа во нашата заедничка подготвеност за справување со кризата, бидејќи зајакнувањето на нејзините капацитети значат зајакнување на целиот систем на одбрана од КОВИД-19“, истакна Османи, притоа изразувајќи благодарност до компаниите, до нивните сопственици, до нивните вработени за нивниот несебичен однос, за нивната солидарност, општествена одговорност, но и човечка зрелост, со надеж дека ќе поттикнат и други бизниси и граѓани да го следат овој пример.

Министерот Филипче исто така, ја оцени како значајна донацијата, оценувајќи дека респираторните машини се потребни и до нив тешко се стигнува.

„Станува збор за 85 машини за т.н. неинвазивна вентилација. Тоа значи дека пациентите се вентилираат и имаат поддршка на дишењето само преку маска, не се става и инвазивниот тубус преку дишните патишта и дополнителни 25 т.н. концентратори на кислород, со што смесата на воздух којашто се дава се збогатува со соодветна концентрација на кислород“, истакна министерот Филипче и додаде дека оваа донација е многу значајна, затоа што има една сериозна група пациенти кои се сега заболени од КОВИД вирусот и на кои им е потребна ваква респираторна поддршка.

Тој рече дека има сосем доволен број да бидат дистрибуирани во главните, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, во ГОБ „8 Септември“ и во сите инфективни одделенија низ државата, кои по завршување на оваа криза може да се користат и за третман на пациенти кои имаат друга индикација за поддршка на дишењето.