Власта и опозицијата се обвинуваат за блокирање на законот за спречување корупција

Власта и опозицијата се обвинуваат за блокирање на законот за спречување корупција

И власта и опозицијата апелираат да се донесе нов закон за спречување корупција и меѓусебно се обвинуваат за кочење на процесот пред почетокот на денешната 80. седница на Собранието, на чиј дневен ред единствена точка е предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси. Владата на вчерашната седница одлучи законот по скратена постапка и со европско знаменце итно да му го препрати на Собранието на усвојување.

Пред почетокот на седницата, која требаше да почне на пладне, двете најголеми парламентарни партии на прес-конференции ги изнесоа своите ставови за законот.

– Со предлог законот се прошируваат надлежностите на Комисијата со цел таа да стане тело кое суштински, а не само декларативно ќе застане на патот и ќе и се спротивстави на корупцијата во државата. Македонија, има потреба од таква силна независна институција – изјави Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Тој повика „да запрат блокадите и деструкциите“ и ги повика сите пратеници да го поддржат законот.

– Имајќи ја предвид важноста, но и итноста од нов состав на антикорупциската комисија, овој Закон пред пратениците ќе се најде по скратена постапка и со европско знаменце – објасни Митревски.

Прес-конференција одржа и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска, која ја обвини власта дека сака на сила и без дебата да го протурка законот за спречување на корупција.

– СДСМ ниту сакаат држава без корупција, ниту имаат намера да донесат квалитетен закон кој е резултат на дебата. По трет пат во Собранието го доставуваат истиот предлог закон, најпрвин од страна на Владата, потоа по скратена постапка го предложија пратеници и сега повторно истиот текст го доставува Владата со европско знаменце и по скратена постапка, со што во Собранието имаме два исти закони во процедура – обвини Лашкоска.

Таа нагласи дека со амандманите на законот поднесени од нејзината партија се имплементираат забелешките на Групата земји во борба против корупцијата (ГРЕКО), и апелираше власта да ги прифати амандманите.

– Не обвинуваа дека ние со предложените амандмани сме го кочеле процесот на носење на законот. Напротив амандманите поднесени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се суштински и значително го подобруваат законот во насока на поголема професионалност на антикорупциската комисија, зголемување на транспарентноста во работењето и намалување на корупцијата кај носителите на јавни функции во државава – се она за што од петни жили критикуваше СДСМ додека беше во опозиција – вели таа.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …