Големи промени во раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе се случат веднаш по референдумот, бидејќи од неодамна во партијата се формираше една многу силна формација сочинета од реформаторите и од пратениците, која е цврсто решена да направи сериозни чекори со цел да се спаси партијата од целосен распад, откриваат високи извори од партијата.

По завршувањето на референдумот, дел од раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе организира вонреден партиски конгрес, на кој ќе биде побарана оставка од лидерот Христијан Мицкоски и ќе биде избран неговиот наследник. Оваа информација ја дознаваме од високи извори во опозицијата кои откриваат дека во партијата веќе се формирала „алијанса“ помеѓу реформаторите и пратениците, чија цел е да се направат итни промени во функционирањето на раководството, оти како што предупредуваат, со ваквото работење може лесно да се случи партијата целосно да пропадне во политичкиот амбис од кој повеќе нема враќање.

Политичките аналитичари, пак, предупредуваат дека ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ може да ескалира за многу скоро време, а како што предвидуваат, страшни поделби и фракции во опозицијата можат да се случат и во деновиве пред одржувањето на референдумот.

Групација против лидерот

Лидерот Христијан Мицкоски ќе мора да се прости од претседателската функција само неколку денови по одржувањето на референдумот за името, тврдат високи извори од опозицијата.

Тие посочуваат дека во моментов постојат неколку спротивставени струи во партијата, а велат дека најсилна е онаа групација сочинета од реформаторите и четворицата активни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не можете ни да претпоставите што точно се случува внатре во партијата. Едни влечат на една, други на друга страна, а само лидерот Мицкоски стои во место и сè уште нема изградено сопствен став за хаосот околу него. Но, на сето тоа ќе му се стави крај веднаш по референдумот, бидејќи од неодамна во партијата се формираше една многу силна формација сочинета од реформаторите и од пратениците, која е цврсто решена да направи сериозни промени во раководството со цел да се спаси партијата од целосен распад. Точно е дека четворица пратеници му свртеа грб на лидерот, но тој сè уште не е свесен, бидејќи токму тие пратеници во моментов се најтивки и незабележливи. Тие само го чекаат вистинскиот момент за да ги покажат забите – брифираат нашите извори.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров тврди дека е точна информацијата за тоа дека постојат големи превирања во опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за кои вели дека за многу брзо време ќе предизвикаат сериозни поделби, фракции и целосен распад на партијата.

– Ако референдумот за името биде успешен, тогаш голем број од членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат итна оставка од лидерот Мицкоски. Тоа ќе биде првата најава дека партијата веќе почнала да паѓа во политичката провалија. Проблем ќе биде тоа што дури и да дојде нов лидер, сепак во раководството ќе останат спротивставените сили кои повторно ќе се превираат меѓусебно. Во секој случај, на опозицијата не ѝ се пишува добро и нема да биде чудно ако во текот на неделава или веднаш по референдумот слушнеме дека партијата целосно се распаднала или се поделила на фракции – објаснува Лазаров.

Проблеми и во иднина

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски во изјава за „Радио Слободна Европа“ вели дека постојат силни внатрепартиски превирања во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ескалираат за време на референдумот.

– Сето ова се случува поради тоа што партијата не зазема прецизен став за тоа што и како треба да се прави во наредниот период до референдумот. И од таа причина сите претставници на ВМРО-ДПМНЕ различно го интерпретираат ставот на раководството на партијата. Сметам дека во согласност со тоа кој какво влијание има во партијата, таква и кампања води внатре во самата партија – вели Гаџовски.
Тој додава и дека уште при формирањето на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ на 10 одделни пратенички групи се загубила контролата на раководството врз нив.

– Оттаму се влече поентата дека многу е лесно одредени пратенички групи коишто се на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа кои не функционираат како една пратеничка група, да заземат поинаков став од оној што го има раководството на партијата – објаснува Гаџовски.

Тој додава и дека уште при формирањето на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ на 10 одделни пратенички групи се загубила контролата на раководството врз нив.

И поранешниот министер за здравство и член на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, предупреди дека не треба да се бојкотира претстојниот референдум за името, оти како што рече, токму од тоа зависи иднината на партијата која наскоро би можела да се распадне.

– Ако не излеземе на гласање, тогаш ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ќе се соочи со големи проблеми на идните избори затоа што ќе нема со кого да коалицира дури и да победи. Не сакам да се распадне партијата во која целиот се вложив и од дете сум токму во ВМРО-ДПМНЕ – порача Тодоров.

Извор: Слободен печат