ВМРО-ДПМНЕ повторно сака промена на имиња на улиците: Од „Ленинова“ во „Аминта III“, од „Блаже Конески“ во „ВМРО“

ВМРО-ДПМНЕ повторно сака промена на имиња на улиците: Од „Ленинова“ во „Аминта III“, од „Блаже Конески“ во „ВМРО“

ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот на град Скопје побара повторно да се променат имињата на улиците, булеварите и мостовите во главниот град. Ваквиот предлог беше ставен на седницата од страна на советничката Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, а советниците со 24 гласови „ЗА“ од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците прифатија оваа точка да се стави на дневен ред на денешната седница.

Ваквиот потег на новото владејачко мнозинство во Советот на град Скопје доаѓа откако изминатава пролет градскиот совет ги промени имињата на 485 улици во Скопје. Доколку биде усвоен овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, улицата Ленинова повторно би се преименувала во Аминта Трети, булеварот Блаже Конески ќе се преименува во булевар ВМРО, додека улицата Железничка ќе се врати повторно со името од времето на Никола Груевски, улица Јордан Мијалков.

Советничката од СДСМ Љубица Јанчева на седницата спомена дека не може старите имиња да се вратат со поништување на постојна одлука на Совет на град Скопје, туку треба да се донесе нова одлука со нови имиња на улици, која треба да помине и на одобрување во Владата.

Имено, новите имиња на улиците, булеварите и мостовите што беа донесени од претходното градско раководство минатата пролет, произлегоа од Регистарот на имиња којшто беше дополнет од Советот на град Скопје со листа од нови 570 имиња, но по претходно добиената согласност од Владата на РСМ.

И покрај укажувањата дека актуелниот состав на Советот на град Скопје не може да гласа за ова, претседателот Трајко Славески денеска ја стави точката на дневен ред, а за враќањето на старите имиња на улиците, булеварите и плоштадите од времето на Груевски треба допрва да се расправа. Седницата на градскиот совет е во тек.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дамева

Тубуленции во Судскиот совет: Дамева поднесе оставка

На прес-конференција во Скопје, Весна Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во …