Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

„Се сретнале мечката и магарето покрај некоја зелена површина и магарето ѝ вика на мечката:’Види мечке, колку убаво е црвена тревата!’. Мечката се вознемирила и почнала да го убедува магарето дека тревата не е црвена, туку е зелена. Се расправале некои 3 месеци и на крај рекле: ‘Не може ова вака, мора да одиме кај царот, да каже како е правилно’. И така отишле кај лавот, му раскажале за маката, а лавот им рекол: ‘Ти магаре оди паси си, а ти мечке – 8 месеци во затвор!’. Мечката уште повеќе збунета и вознемирена рекла:’Добро бе царе, зошто така судиш кога јас сум во право, кога тревата навистина е зелена?’. Лавот се насмевнал и рекол:’Баш поради тоа, сакам да размислиш зошто си дозволуваш да се расправаш со магариња!?.

Вака отприлика гласеше басната која пред некоја недела ми ја раскажа еден професор за кој имам високо мислење.

Пред 5 години се најдов во ситуација кога еден човек на повисока функција, бараше од луѓето, кога тој ќе влезе во просторијата, сите да станат. Човекот сметаше дека на тој начин ќе му се укаже почит, а и самиот ќе покаже колку е важен. Но, тој не зеде во предвид дека почитта никому по автоматизам не му следува заради функцијата која ја извршува и дека таа не може да се “нареди“. Дека таквиот однос од останатите луѓе, од околината во која живееме и работиме, се заслужува.

Во еден неформален разговор меѓу нас, во кој му објаснував дека не е во војска за да им наредува на луѓето со станување да му искажуваат почит, тој ме праша: „Јасмина, дали имаш учено за организациска структура?”. Му кажав дека немам, на што ми рече:„Да имаше, ќе знаеше дека и магаре да е на повисока функција, ќе му стануваш”. Се насмеав и го прашав:„А, дали вие имате учено за политичка партиципација?”. Откако ми кажа дека нема, му реков:„Ако имавте, ќе знаевте дека е дојдено времето кога на магариња не треба да им се станува!”. И ден денес со човекот срдечно се поздравуваме. Без станување.

Не знам дали се сеќавате на еден од телефонските разговори на поранешната министерка за внатрешни работи каде таа (парафразирам) вели:„Магаре ставете, само Фросина Ременски да не е…”. На сите ни е добро познато, дека многу долго време, оној кој во нашата земја одлучуваше за тоа како е правилно, одлучуваше во полза на “магарето”, без да му биде важно дали тревата е црвена или зелена. Како последица на тоа, сосема е нормално граѓанинот да се “изгуби“ во овие процеси, да дојде до степен кога нема да му е важна ниту бојата на тревата, ниту пак дали неа воопшто ја има.

Уште многу одамна, Иво Андриќ има кажано:„Долготрајното робување и ‘рѓавата управа може толку да го збунат и уништат сфаќањето на еден народ, што здравиот разум и правилното расудување му слабеат до тој степен потполно да се извитоперат. Таквиот народ не само што не може да го разликува добро од злото, туку не ја поима ни својата сопствена корист од очигледната штета”.

Се потпиша протоколот за членство на нашата земја во НАТО, честитки за тоа! Кога премиерот сакаше да покаже дека ќе го зачуваме идентитетот и покрај промената на името, кажа пример во кој истакна дека ако ја “мажите“ ќерката со некој богат човек, таа го променува презимето, но не и идентитетот. Овој пример оправдано наиде на критики. Сега е ред ние да знаеме дека потпишувањето на протоколот е “свадбата”, а каков ќе биде понатаму “животот на младите”, зависи од нив. Бидејќи долговечен и задоволен брачен живот бара зрели партнери, спремни на промени за заедничко добро. Ако едниот премногу заостанува зад другиот, формално можеби и ќе опстанат, но суштински – никогаш.

Притоа, не смееме да го испуштиме од вид она што сите прочитавме во последните извештаи, оној на Freedom house и на Transparency international, во кои Македонија е делумно слободна земја, а заедно со Косово е најкорумпирана земја во Западен Балкан.

Граѓаните се преморени од “магарешки игри”! Мораме да почнеме да размислуваме во насока – кој и да е, само да не е “магаре”! Дури и ако не го сториме тоа, НАТО нема да има штета од нас. Исто како и богаташот кој се оженил со девојката која го променила презимето, а која нему му е неупотреблива. Тој ќе си продолжи со своето, а таа ќе пропаѓа. Внатрешно!

Професионализам, потенцирање на добри примери на квалитетни луѓе кои прават промена во политичкиот систем на микро ниво, а кои ги има многу. Со ситни добронамерни потези на јавни личности, со вреднување на праведното, квалитетното и етичкото, полека, ден за ден, да се растовариме од “магарињата”. Тоа се бавни промени, но еднаш конечно нека почнат!

П.С. Позитивен пример кој мора да се потенцира е ТВ 24, која од оваа недела започна секојдневно емитување на вести на знаковен јазик. Браво! Ваквите постапки прават промени!