Бугарското собрание денеска на вонредна седница ќе расправа за недоверба на владата предводена од премиерот Бојко Борисов. Ова е петти обид на бугарските социјалисти како водечка опозициска партија да ја соборат владата на Борисов преку покренување на ова прашање во парламентот. Во Софија уште утрово започна протест пред бугарскиот парламент, на кој протестантите побараа оставка од владата на Бојко Борисов и од главниот обвинител во земјата.
Антивладини протести се одржуваат низ цела Бугарија во изминативе десетина дена, за кои премиерот Борисов тврди дека се сценарио на бугарскиот претседател Румен Радев. Демонстрациите во Бугарија почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес во кабинетот на претседателот Радев, како и апсење на двајца негови соработници.
Претседателот Румен Радев вчера изјави дека протестите во земјата ќе продолжат до паѓањето на тие што треба да си заминат. Тој оцени дека интригите на државниот обвинител и на владата на Борисов, како и одбивањето да се слушнат барањата на граѓаните од протестите, само ја продлабочуваат кризата во земјата.
Редовни парламентарни избори во Бугарија треба да се одржат во 2021 година, а постојните анкети и даваат предност на партијата ГЕРБ на актуелниот премиер Борисов пред опозициската партија на бугарските социјалисти.
Извор: МЕТА