Во чие срце е Полска?

Во чие срце е Полска?

Овде како никој да не е заинтересиран што ќе прави полското претседателство со проширувањето на ЕУ. Во плановите на Варшава, Македонија речиси никаде не се споменува.

Пишува: Љупчо Поповски

Порано се пишуваа текстови, анализи, предвидувања на секои шест месеци кога некоја земја членка требаше да го преземе претседателството на Европската унија. Така беше некако слично пред половина година кога кормилото на ротациското водство го презеде Унгарија. Какви сѐ не очекувања се калапеа околу моќта и умешноста на најдолговечниот на власт во ЕУВиктор Орбан, неговиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеи, околу напредокот на Македонија, се тврдеше дека унгарскиот премиер не треба да се потценува, иако е речиси изолиран во Унијата. Владата дури испрати свој човек во Будимпешта како специјален претставник во претседателството на ЕУ (поранешниот амбасадор Ивица Боцевски).

Реално, унгарското претседателство постигна успех на неколку полиња: Бугарија и Романија конечно добија зелено светло за влез во Шенген, Албанија се оддели од Македонија и отвори два кластери, Црна Гора затвори три, но Орбан не успеа да протурка Србија да отвори барем еден кластер. Македонија никој не ја спомена, дури ни Вархеи, освен во една реченица, дека ние најверојатно нема да продолжиме напред додека не ги направиме уставните измени.

Унгарскиот чардаш заврши и од 1 јануари на сцената се елегантните полски мазурки и полонези. За претседателството на Полска со ЕУ речиси да не се пишува ништо (освен една опширна анализа од Брисел на државната агенција). Ова општество како наеднаш да го загуби интересот за ЕУ, не само политиката, туку и оние што се занимаваат со анализи на политичките случувања, некои од партиите, новинарите, па дури и луѓето што работат во невладините организации посветени на европските прашања. Како веќе никого посебно да не го интересира европскиот пат. Што има поважно од тоа веќе еден месец секој ден да се пишува за Артан Груби, за неговото помогнато или не бегство, дали му стигнал или не мејлот за отказ од работата на тетовскиот универзитет, секојдневни соопштенија од владините партнери за животот и приклученијата на некогашниот вицепремиер, кој сѐ уште не се гони заради оние работи поради кои беше ставен на американската црна листа.

Дали македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски побарал а не успеал да се сретне со еден од најважните луѓе во европската дипломатија, неговиот полски колега Радослав Сикорски, не знаеме. Можеби некаде од нога се сретнал. Оние што не го знаат влијанието и авторитетот на Сикорски во Европа и преку Атлантикот треба поработат повеќе да го разберат тоа и да поработат на агендата за средба меѓу двајцата министри, и Радек, како што познат нашироко, да помогне за излез од македонскиот ќор-сокак.

Додуша, македонскиот премиер Христијан Мицкоски имаше средба со полскиот премиер Доналд Туск за време на самитот на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел на 18 декември. Според објавените фотографии средбата била само меѓу нив двајцата и Мицкоски на Фејсбук објави за што разговарале:

„Разговаравме за прашања поврзани со ЕУ, можноста да се одблокираат преговорите со Унијата, како и нашите позиции во однос на таквите напори. Разменивме мислења и за предизвиците со кои се соочува ЕУ, прашањето со Украина, како и искористувањето на можностите за продлабочена соработка меѓу двете пријателски држави“.

Полскиот премиер Доналд Туск на пресконференција по повод почетокот на претседателствувањето на неговата земја со ЕУ
Полскиот премиер Доналд Туск на пресконференција по повод почетокот на претседателствувањето на неговата земја со ЕУ

Какви се можностите за „одблокирање на преговорите со Унијата“ за време на полското претседателство со ЕУ? Ако се суди според програмата на Варшава за овие шест месеци, нејзините приоритети и проширувањето (ако не се во прашање Украина и Молдавија).

Прво Украина и Молдавија, па другите

Во опширната програма на Варшава проширувањето на ЕУ е споменато само во предвидените обврски на Советот за општи работи (ГАК), каде што министрите за Европа ги даваат своите препораки за земјите кандидати. Во делот за ГАК, меѓу другото, пишува:

„Проширувањето е најдобриот можен инструмент за Европската унија да ги зајакне и промовира мирот, демократијата, владеењето на правото и просперитетот во Европа. Проширувањето е исто така најефективниот канал за промовирање на европските вредности во нашето соседство. Целта на полското претседателство е да постигне напредок во процесот на проширување, како во источна насока, така и во однос на Западен Балкан, во согласност со вклученоста на земјите кои претендираат да се приклучат на ЕУ, во согласност со пристапот заснован на заслуги… Претседателството ќе продолжи да работи на внатрешните реформи на ЕУ за да се исполнат нејзините долгорочни приоритети, за да се обезбеди непречено функционирање на политиките на ЕУ и нејзиниот капацитет да дејствува во однос на новите геополитички реалности и изгледите за проширување. Ќе се фокусираме на она што е потребно за да ја подготвиме ЕУ за нови членки“.

Ова изгледа премногу општо. Повеќе детали дадоа некои од полските претставници. А тие не изгледаат баш привлечно за Македонија. Всушност, никој и не ја споменува Македонија.

Постојаната полска претставничка во ЕУ, Агњешка Бартол, најави дека проширувањето на Унијата претставува геополитички приоритет за Полска, додавајќи дека кон пристапниот процес Варшава „има намера да заземе избалансиран пристап, особено за Западниот Балкан“.

Сикорски изјави дека Полска за време на своето претседателство ќе обезбеди „соодветна брзина и квалитет на проширувањето на Европската Унија кон исток и југ“. „Нашата цел е да постигнеме напредок во однос на Украина, Молдавија, како и на Западниот Балкан. Напредокот во процесот на пристапување треба да биде сразмерен со постигнувања на земјите кандидати за (членство во) ЕУ“.

Украина и Молдавија аплицираа за членство во Европската унија кратко време по инвазијата на Русија на Украина во февруари 2022 година. Процесот е круцијален за безбедносниот пејзаж во годините што следат и влијанието на Русија меѓу земјите-членки.

Заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, неодамна рече дека ЕУ „брзо“ ќе продолжи напред со почетната фаза од пристапните преговори со Украина и Молдавија за време на полското претседавање и дека ЕУ ќе отвори две области на преговори: владеењето на правото и надворешните односи. На референдумот за пристапување во ЕУ во октомври, Молдавците тесно гласаа за промена на уставот на нивната земја за да ја вклучи стратешката цел за членство во блокот. Украина го заврши скринингот на првата група преговарачки поглавја.

Знамиња на ЕУ, Украина и Молдавија
Знамиња на ЕУ, Украина и Молдавија

Извори во полската мисија при Унијата изјавија дека Варшава се надева оти Албанија и Србија ќе отворат преговори по нови поглаја, а Црна Гора ќе затвори некои од отворените. Македонија како да е заборавена. Во ставовите на Варшава за проширувањето неколку нејзини функционери изјавија дека дека темпото со кое тоа ќе се одвива ќе зависи од посветеноста на кандидатите за спроведување на реформите и на исполнувањето на обврските. А ние знаеме каква е нашата обврска. За два-три месеци ќе дознаеме во чии срца е Полска.

Агендата на Полска е поврзана со безбедноста и само безбедноста – надворешна и воена, енергетска, економска, храна и клима, здравје и информации. Првата работа со која ќе се соочи полското претседателство е дали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по 20 јануари ќе воведе општи царини од 10 до 20 отсто и 60 отсто за кинески стоки. Ако се остварат тие најави тоа ќе биде голем удар за Унијата. Се очекува вториот мандат на Трамп да биде уште полош за трговијата од првиот, но Европската комисија е категорична дека овојпат е подобро подготвена. Но, доведувањето на Трамп на преговарачка маса ќе бара од ЕУ да го прикаже целиот арсенал за трговска одбрана што го градеше од неговиот прв мандат. А да не зборуваме за Русија и опасноста за европската безбедност.

Две работи

Две работи можат да влијаат врз македонските надежи (ако ја исклучиме неможноста да се разговара со каква било влада во Софија) за нашиот напредок кон ЕУ. Едната е посредно поврзана со Скопје, втората не е, но може да има големи последици во распоредувањето на енергијата на Варшава кон прироритетите (ако проширувањето избие меѓу првите осум).

Она што може да влијае врз посветеноста на Варшава да бара излез за македонскиот ќор-сокак е нивото на братски, а дури и повеќе од тоа, односи меѓу македонските власти и Виктор Орбан. По падот од власта на националистичката партија Право и правда во Полска, односите меѓу Будимпешта и Варшава драматично се влошија, а со последните настани тие се длабоко замрзнати. Дури на офцијалната гала промоција на полското претседателство на почетокот од годинава во главниот театар во Варшава не беше поканет Виктор Орбан, ниту пак некој друг унгарски функционер. Има причини за тоа, а меѓу нив се провлекува и името на поранешниот премиер Никола Груевски. Не како повод, туку како пример.

Прочитајте повеќе

Колева: Власта најсурово го осиромашува народот

Колева: Власта најсурово го осиромашува народот, безмилосно удри по стандардот и џебот на граѓаните

Граѓаните се излажани од ВМРО-ДПМНЕ и ова власт како намерно да работи на тоа да …