масовното убиство на 11 луѓе во Цетиње

Во Црна Гора тродневна жалост по масовното убиство на 11 луѓе во Цетиње

Тродневна жалост прогласи вчеравечер владата на Црна Гора, по масовното убиство на 11 луѓе што се случи попладнето во Цетиње, јави Радио телевизија Црна Гора (РТЦГ).

Одлуката донесена на виртуелна седница подразбира дека денеска, утре и задутре во Црна Гора се денови на жалост, откако во цетинската населба Медовина, вчера попладнето 34-годишен маж го изврши масакрот, во којшто 11 луѓе – меѓу кои има и деца – ги загубија животите, а шестмина беа ранети.

Напаѓачот потоа бил убиен, најверојатно од полицијата, но според очевидци што зборуваа за РТЦГ, можно е и да бил убиен од друг жител на Медовина.

Како што вчеравечер соопшти директорот на Управата за полиција, Зоран Брѓанин, околу 15.30 часот вчера 34-годишниот В.Б.од Цетиње, пукал првин на неговите потстанари, при што ги убил двете деца, едното на возраст од осум, другото на возраст од 11 години, а ја ранил нивната мајка, која подоцна во медицинска установа им подлегнала на повредите. Потоа излегол од улица и од истото оружје пукал на жители на Медовина, при што убил уште седум лица, а ранил шест, извести Брѓанин, пренесува РТЦГ.

Според неофицијални информации, напаѓачот се викал Вук Бориловиќ.

Брѓанин рече дека точните мотиви за грозоморниот масакр допрва треба да се утврдат, појаснувајќи дека по дојавата од граѓани, полицијата интервенирала и дошло до размена на оган, при што еден полицаец бил ранет.

Според досегашните сознанија, на крвопролевањето му претходела кавга, а масовниот убиец имал ловечка пушка.

Официјално, деталите уште се утврдуваат, порача директорот на Управата за полиција.

Во Клиничкиот центар на Црна Гора се хоспитализирани четиримина од ранетите, а двајца од нив се во болницата во Цетиње. Од четиримината во Клиничкиот центар еден е во животна опасност, пренесува РТЦГ.

Сочувство за најкрвавиот инцидент во новата историја на Црна Гора изразија државниот врв, голем број функционери, странски амбасадори и странски државници, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …