Во организација на Фото Кино Клубот „Прилеп“, вчера пред изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена 8 традиционална изложба на уметнички фотографии „Јордан Зазоски-Зазо“.

На изложбата, љубителите на фотографијата ќе имаат можност да видат 63 фотографии, изработени од страна на 59 автори.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека со последната изложба, Фото Кино Клубот „Прилеп“ покажал дека кога постои љубов и ентузијазам, успешно може да се функционира и во тешките услови кои ги наметна пандемијата на ковид-19.

„Денешната изложба покажува дека Фото Кино Клубот „Прилеп“ успешно функционира и во тешките услови за опстојување и работа кои ги наметна пандемијата на ковид-19. Фото Кино Клубот „Прилеп“ важи за еден од најдобрите клубови во нашата држава и претставува расадник на таленти, а оваа изложба е шанса за младите луѓе да ја покажат својата креативност. Ви посакувам да имате успешна изложба и она што како градоначалник можам да го кажам, е дека и во иднина Општина Прилеп ќе го помага работењето на Фото Кино Клубот“, изјави на отворањето на изложбата, градоначалникот Јованоски.

„Преку овие дела се покажува во кој правец одат заложбите на клубот во полето на уметноста. Годинава има голема бројка на нови автори, кои се всушност движечка сила на ФКК ‘Прилеп’. Тие преку низа на работилници и активности во клубот, стекнаа знаења за создавање на уметничка фотографија и веќе се градат како препознатливи автори“, напомена Сашо Попоски, претседател на ФКК „Прилеп“.

На отворањето на изложбата, на дваесетина членови на ФКК „Прилеп“ им беа врачени дипломи за стекнато звање „фотограф од втор и трет степен“.